Zylfije Adem Jakupi
01 Јуни 2023•Ажурирај: 02 Јуни 2023
ЗВЕЧАН (АА) - Мирниот протест на српските граѓани продолжи во Звечан, додека КФОР денес, освен пред општинската зграда, распореди свои војници и на пет други локации во градот, јавува Анадолу.
Денес има многу помалку граѓани на улица. Поставија чадори и клупи за седење недалеку од бодливата жица и кордонот на КФОР, што овозможува поширок пристап до општинската зграда.
Претседателот на Српска листа, Горан Ракиќ, во изјавата за медиумите рече дека КФОР одговорил на неговото вчерашно барање за зголемување на присуството на војници на повеќе локации за да се спречи евентуална ескалација на ситуацијата.
„По вчерашниот разговор со врховниот командант од овој дел тука, американскиот полковник на КФОР, добивме уверување и гледаме дека денес го исполнија своето ветување. Тие ги распоредија своите сили на пет точки овде на околните улички и во центарот, на влезот, за да спречат влез на специјалните единици на полицијата за да не дојде до инцидент“, рече Ракиќ.
Тој му се заблагодари на полковникот за разбирањето и ги повика граѓаните да им излезат во пресрет на војниците доколку им е потребна одредена помош.
Ракиќ изјави дека денес во протестот се вклучиле и рударите на „Трепча“, кои не можат да работат од петокот.
Рударот Дарко Милојевиќ изјави дека работи во рудникот „Црнац“ и дека нивното производство е прекинато од петокот.
„Специјалците ја блокираа флотацијата и не дозволуваат нашите камиони да транспортираат руда од рудникот на флотација“, рече Милојевиќ.
Вчера (среда), за време на главно мирниот протест на српските граѓани во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток на северот на Косово, некои осомничени фрлаа камења врз три возила на косовската полиција, при што беше повреден еден полицаец и беше предизвикана материјална штета. Исто така, некои медиуми беа попречени во вршењето на работата и нападнати, а нивните возила беа вандализирани од поединци и криминални групи.
Здружението на новинари на Косово соопшти дека во понеделникот се регистрирани над 20 напади врз медиумски екипи.
Од протестот беа пратени барања специјалците на Полицијата на Косово да се повлечат од општинските згради и градоначалниците избрани на изборите на 23 април да не доаѓаат во општинските објекти. Беше побарано и ослободување на двете српски момчиња, уапсени во понеделникот во Звечан по судирот меѓу демонстрантите и војниците на КФОР. Вчера Основниот суд во Приштина им изрече едномесечен притвор.
Судирите првпат се случија во петокот кога специјалните единици на косовската полиција помогнаа да влезат новите градоначалници во општинската зграда во Звечан. Потоа, во понеделникот, демонстрантите се судрија со војниците на КФОР, кога беа повредени 30 меѓународни војници и десетици демонстранти.
Српските граѓани од понеделникот секојдневно протестираат низ општините на северот на Косово.
Српска листа на почетокот на ноември ги напушти сите косовски институции на северот на Косово поради одлуката за задолжителна пререгистрација на возилата од српски во РКС таблички и поради тоа беа распишани вонредни избори. Српската заедница ги бојкотираше тие избори, па излезноста на гласачите беше помала од четири отсто, а за градоначалници се избрани албански кандидати.