Zylfije Adem Jakupi
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
ПРИШТИНА (АА) ‒ Министерството за финансии, работа и трансфер на Косово соопшти дека по овластување на премиерот на Косово, трезорот на Косово ја отвори службената банкарска сметка за прием на средства наменети за Фондот за безбедност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Косово, Албин Курти, соопшти дека во согласност со потребите на косовските безбедносни сили, моменталната ситуација и по консултациите со меѓународните партнери, го овластил Министерството за финансии да основа Фонд за безбедност.
„Собраните средства се наменети за користење во согласност со стратегијата на државната безбедност на Косово за која се очекува да биде одобрена од Владата на Косово. Работата на овој фонд ќе биде регулирана со соодветни процедурални акти и ќе се користи исклучиво за цели кои ќе ги одреди Владата“, наведе Курти.
Тој додаде дека во согласност со важечката законска регулатива ќе се спроведуваат процедури за потеклото на финансиските средства, со цел зачувување на интегритетот на Фондот и неговата намена. Исто така, ги повика граѓаните на Косово и сонародниците во дијаспората, како и другите донатори, да придонесат за безбедноста на државата.
Министерството за финансии, труд и трансфер на Косово соопшти дека по овластување на премиерот, трезорот на Косово ја отвори службената банкарска сметка за прием на средства наменети на Фондот за безбедност.
„Преку овој Фонд се овозможува примање донации од дијаспората, како и од секој граѓанин кој е заинтересиран за придонес. Сметката е активирана од денеска, 2 март 2022 година, а сите трансфери можат да се вршат во и надвор од земјата“, соопштено е од Министерството.
Министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, го поздрави основањето на Фондот за безбедност, истакнувајќи дека грижата за безбедноста на граѓаните не подразбира несигурност за другите.
Мехај ги повика сите кои се во можност да бидат донатори на Фондот, да придонесат за слободата, независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.