Agim Sulaj
18 Февруари 2021•Ажурирај: 19 Февруари 2021
ПРИШТИНА
Владата на Косово ја усвои годишната нацрт-платформа за разузнавање и безбедност за 2021 година, во чии рамки министерот за регионален развој, Енис Керван, побара ПКК/ПЈД и ФЕТО да бидат вклучени во листата на терористички организации и да се зголеми соработката со Турција за да се води борба против овие терористички организации, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На владината седница на која беше соопштена оваа нацрт-платформа, министерот Керван нагласи дека на годишната платформа на политиката за разузнавање и безбедност на која е спомената терористичката организација ДЕАШ заедно со нејзините ограноци, како и други организации, не се споменати терористичките организации, во меѓународни рамки познати како ПКК/ПЈД и ФЕТО, кои според него сериозно може да му наштетат на Косово.
„Тие може многу да ѝ наштетат и на нашата земја, Косово. Треба да имаме предвид, ПКК и ПЈД се признаени и во листите н ЕУ и САД. Сигурно дека постои потреба од зголемување на соработката со Турција против овие организации, која ќе биде во корист на Косово. Затоа, мислам дека тука треба да постојат и ПКК, ПЈД и терористичката организација ФЕТО, кои веќе вршат криминал низ светот, но навистина мислам дека му наштетуваат и на Косово“, рече Керван.
Премиерот на Косово, Авдула Хоти, побара од Секретаријатот барањето на Керван да се пренесе до Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ) за да се разгледува.
„Нашата разузнавачка и безбедносна политика се координира со нашите меѓународни партнери и е на линија со нивните политики. Со овој коментар за кој барам од Секретаријатот да го пренесе до АКИ, оваа стратегија ја ставам на гласање“, рече Хоти, по што барањето на Керван беше ставено на гласање и беше поддржано од членовите на Кабинетот без гласови против и воздржани.
Врз основа на Декрет потпишан во 2019 година од страна на поранешниот претседател на државата, Хашим Тачи, Косово ја применува листата на ЕУ за лица, групи и организации вклучени во терористички акти.