Zylfıje Adem Jakupı
12 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово, на чело со премиерот Албин Курти, денеска ја укина одлуката од декември 2017 година за зголемување на платите од 100 отсто на членовите на владиниот Кабинет донесена од претходната Влада на премиерот Рамуш Харадинај, јавува Агенција Анадолија (AA).
Со одлуката од декември 2017 година, Харадинај по 100-те дена на чело на Владата, ја покачи својата плата од 1.500 на 2.950 евра.
„Платите се враќаат на претходната состојба. Оваа одлука нема влијание на Уставниот суд или на правниот систем“, рече Курти на состанокот.
На денешната седница на Владата на Косово укинати се уште неколку одлуки на претходната Влада кои се однесуваа на структурната организација на Кабинетот на премиерот и назначувањето координатори во повеќе различни области.
На седницата на Владата, министерот за надворешни работи и дијаспора, Глаук Коњуфца, побара барањето за членство на Косово во ИНТЕРПОЛ да се одложи за следната година, затоа што, како што рече, изгледите за членство оваа година се мали, со оглед на тоа дека Генералното собрание на таа светска безбедносна организација се одржува во Уругвај, земја која не ја призна независноста на Косово. Коњуфца на состанокот на Владата побара да ја разгледа можноста за апликација за членство во 2021 година, кога домаќин на Генералното собрание ќе биде Турција.
Косово последен пат не успеа да се придружи кон ИНТЕРПОЛ во 2018 година на 87. Генерално собрание на оваа организација кое се одржа во Дубаи. Пред тоа, Косово трипати се пријавуваше за членство во ИНТЕРПОЛ, во 2010, 2015 и во 2017 година.