ПСАРАДЕС (АА) - Владите на Република Македонија и Република Грција, денеска во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Езеро го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој Република Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство го потпишаа министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот на Обединетите нации, Метју Нимиц.
На церемонијата на потпишување присуствуваа премиерите на Република Македонија и на Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, заедно со своите делегации.

- Заев: „На темелите од минатото градиме иднина“
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање истакна дека е горд на денешниот договор, бидејќи, како што рече, со потпишувањето на денешниот договор се става крај на еден спор и на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателските односи меѓу соседите.
„Тоа беа три децении неизвесност за нашата иднина, три децении сериозни грижи со несакани последици. Затоа ние, јас и премиерот Ципрас, министрите за надворешни работи, Димитров и Коѕијас, членовите на нашите влади, заедно со нашите соработници и со поддршка на ОН и ЕУ, како и со поддршка на нашите заеднички стратешки пријатели, тргнавме во потрага по решение, подостоинствено и прифатливо решение за двете страни. И стигнавме до решение“, рече Заев, додавајќи дека на темелите од минатото градат иднина.
„Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото градиме иднина“, истакна Заев.

Според неговите зоборови, Договорот донесе охрабрување и аспирација за поголема доверба меѓу двете земји, за иницијативи што носат подобар живот за граѓаните на двете земји.
„Решението и процесот низ кој поминавме ни донесе пријател за кого до вчера некои во нашите средини нè убедуваа дека е непомирлив непријател. Градиме пријателство со Грција, ќе бидеме партнери и сојузници. Таа ќе биде нашиот поддржувач, заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји“, порача Заев.
Во својот говор, македонскиот премиер посочи дека регионот добива нова реалност, која заеднички ќе се гради врз темелите на меѓусебното пријателство и врз заедничките заложби за владеење на демократијата, мирот и просперитетот во целиот регион. Тој упати порака и до противниците на Договорот за решавање на спорот за името.
„И сите да знаат, противниците на овој договор имаат право на свое мислење и гласен аргументиран став. Да се има став е европски манир, исто како што е европски да се разговара и да му се дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување. Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение. Целиот демократски свет, сите наши заеднички пријатели, партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекор со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината. Кога сите мислеа дека нема излез, ние тргнуваме напред. Премиерот Заев упати благодарност до неговиот грчки колега, Алексис Ципрас и до грчкиот министер за надворешни работи. Никос Коѕијас, бидејќи, како што рече, имале доблест и нашле сила да се посветат на ова, како што го нарече, историско и вековно решение.
Исто така, Заев му се заблагодари на амбасадорот Метју Нимиц, истакнувајќи дека тој посвети речиси три децении од својот живот во посредување на спорот за името. „Изразуваме благодарност и кон Европската Унија, и кон нејзините претставници, за сите изминати години. Голема е поддршката која низ целиот период ја добивавме и од Соединетите Американски Држави и од сите сојузници на НАТО“, порача Заев.
Посебна благодарност, премиерот Заев упати и на шефовите на државите и на владите на нашите соседни земји. Тој нагласи дека нивното охрабрување и помош биле од пресудно значење во одредени моменти.
- Ципрас: „Дојде време да пееме среќни песни на Балканот“
Премиерот на Република Грција, Алексис Ципрас, за време на потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција, во својот говор истакна дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.“
„Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“, рече грчкиот премиер. За состанокот во Преспа рече дека тоа е состанок на историјата поради историското значење на областа.

„Се наоѓаме тука гледајќи ја во очи историјата на нашите народи, се наоѓаме овде за и двајцата да ја извршиме нашата патриотска должност“, рече грчкиот премиер и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат Договорот без предрасуди. „Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народа“, истакна Ципрас.
- Нимиц: „Ми беше задоволство што бев медијатор“
Медијаторот на Обединетите нации во решавањето на спорот за името, Метју Нимиц, рече дека нема подобар подарок за неговиот роденден со денешното потпишуавње на Договорот со кој се стави крај на повеќедеценскиот спор кој го имаа двете земји. Тој им честиташе на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и на министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас.
„Изнаоѓањето решение за овој проблем бараше мудро лидерство и стратешка визија, а овие лидери покажаа дека ги поседуваат тие важни квалитети. Не можете често да пронајдете истовремено и мудрост и политичка визија и дипломатски вештини, а сите три квалитети беа присутни и кај овие четворица лидери кои работеа напорно. Тоа е реткост“, истакна Нимиц, изразуваќи верување дека Договорот е во стратегиски интерес на двете земји.
„Ми беше задоволство што бев медијатор и што сега можам да бидат сведок на потпишувањето на овој договор. Ми беше задоволство да соработувам со овие двајца министри, но и со сите претходно во овој долг и тежок процес, разрешувајќи го овој проблем што постоеше долг период, а резултираше со една спогодба која е правична, чесна и спроведлива. Тоа е успех не само за односите меѓу двете земји туку ќе служи и како пример за регионот, дека два соседа, можат да решат проблем ако се заложат за него“, изјави Нимиц.
За време на денешната церемонија во Преспа, присуствуваа и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации, Розмари Ди Карло, Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, и Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.
По потпишувањето на договорот во Псарадес, делегациите се упатија на заеднички ручек во Отешево на македонска страна од Преспанското Езеро. По ручекот, најавена е билатерална средба да остварат премиерите Заев и Ципрас.
- Протести поради потпишување на Договорот за решавање на спорот за името
Инаку, на 20 километри од местото на потпишување на Договорот, повеќе од 3 илјади грчки демонстранти протестираа поради потпишувањето на Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција.
За време на протестите дојде до судири помеѓу полицијата и демонстрантите. Полицијата ги растера демонстрантите со солзавец.
news_share_descriptionsubscription_contact
