Elena Trenchevska Chekovikj
07 Февруари 2025•Ажурирај: 08 Февруари 2025
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија ја информира јавноста дека пријавите за подметнати бомби во повеќе училишта низ земјата се лажни, пренесува Анадолу.
Како што јавија претходно локалните медиуми, утрово на официјалните е-адреси на образовните установи пристигнале пријави за поставени експлозивни направи.
„По мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на Министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности во согласност со внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување“, се вели од МВР.
Оттаму додаваат дека паралелно се врши и процена на степенот на загрозување во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамките на Министерството.
„Во согласност со досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави“, соопшти Министерството.
Оттаму се повикува за смиреност во јавноста и воздржување од ширење дезинформации околу ваквите настани „кои инаку вчера беа евидентирани и во други земји во регионот“.
Претходно денес Министерството соопшти дека закани за бомби имало во неколку училишта во населбата Аеродром, во Општина Центар во Скопје, во Штип, како и во училишта во Тетово, Охрид и Куманово.