Fatjon Cuka
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
ТИРАНА (АА) – Претседателот на Албанија, Илир Мета, денеска го официјализираше укинувањето на декретот за локалните избори во Албанија, а во изјава за медиумите ги образложи причините за ваквата одлука, јавува Anadolu Agency (AA).
Мета одлучи да го укине декретот од 5 ноември 2018 за „Одредување датум на изборите за органите на локалната власт“ и да го откаже датумот 30 јуни 2019, како ден кога ќе се одржат локалните избори.
Тој истакна дека негова примарната уставна задача е да гарантира унитарност на народот и да ги брани демократските вредности и начела, кои според него, се загарантирани во Уставот на Република Албанија, и додаде дека со ова одлучил да ја спроведува својата надлежност во функција на јавниот интерес за гарантирање на уставниот поредок.
„Со оценка на ситуацијата во која се наоѓа државата и говорот на омраза кој го употребуваат политичките страни, како Претседател на Републиката нагласувам дека постои опасност Албанија да оди кон непредвидлива ескалација на социјалната тензија, која може да предизвика неконтролирани последидици“, изјави Мета.
Тој рече дека одржувањето на локалните избори без учество на опозицијата е проблематично од демократски аспект, затоа што според него, им оневозможува на албанските граѓани да ги избираат своите претставници од локалната власт меѓу конкурентните алтернативи.
„Одржувањето на изборите во услови на тензична политичка ситуација, како последица може да сноси не само неучество на изборите на околу половина од гласачите, но создава опасност за граѓански конфликт кој претставува сериозна опасност за штета по животот и здравјето на граѓаните, демократската стабилност на земјата, унитарноста на народот и уставниот поредок“, рече албанскиот претседател.
Мета истакна дека „со актуелните услови, откажувањето на изборите е единствената итна мерка за решавање на тешката политичка криза и превенција на нејзината неконтролирана ескалација“.
Во меѓувреме, претседателот Мета не декретираше нов датум за одржување на локалните избори.
Потсетуваме дека опозициските партии во Албанија, Демократската партија и Партијата Социјалистичко движење за интеграција откако ги вратија пратеничките мандати во месец февруари инсистираат на формирање преодна влада и одржување предвремени избори.
Во последните месеци, опозицијата организираше неколку антивладини протести во Тирана и во другите градови на Албанија и официјално не се вклучи во процесот за локалните избори.
Од друга страна, албанскиот премиер, Еди Рама, е против барањето за преодна влада, а владејачката Социјалистичка партија пред неколку недели ги започна подготовките за локалните избори.