Dejan Maksimoviç
29 Јули 2017•Ажурирај: 30 Јули 2017
САРАЕВО (АА) - Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина (БиХ), денеска беше домаќин на првиот по ред Меѓународен Фиат-фиќо фест, јавува Anadolu Agency (AA).
Љубителите на легендарниот модел на Фиат, а подоцна и на Застава, се собраа во Сараево да го прослават неговиот 62. роденден.
Според зборовите на Фадил Ќеримагиќ од здружението „Фиќо-клуб”, кое е организатор на оваа манифестација, сараевчани и туристите, имаат можност да видат 66 примероци на „фиќо”. Сопственици на овие возила пристигнаа во Сараево од сите краеви на Европа, најмногу од земјите во регионот, со цел да учествуваат на првиот Фиат-фиќо фест. Според него, сопствениците на возилата „фиќо” покажаа дека 'првата љубов нема заборав' и дека многумина од нив се носталгично поврзани со своите возила.
Автомобилите беа изложени на во Башчаршија, каде привлекоа голем интерес кај љубопитните минувачи. Изложени се неколку различни модели, но најинтересниот примерок на фиќо пристигна од Суботица. Станува збор за моделот 600D од 1961 година, кој своевремено го користеше југословенската милиција.
„Постојано учествувам на олд-тајмер или фиќо собири. Ова е полициско возило и се подразбира дека децата најмногу сакаат такви возила. Сите од нив би сакале да бидат пожарникари или полицајци. Доаѓаат и се сликаат со него. Овој модел се произведуваше од 1960 до 1962 година. Ова е послаба верзија од 18 коњски сили и со него не е можно искачување по брда, но ако во Сараево пристигнавме од Суботица, тоа значи дека возилото е сосема ОК. Може да се движи со брзина до 90 км/час, се повеќе е мачење. Може побргу само кога ќе се забрза низ брдо, но тогаш не може да запре, бидејќи кочниците се стари”, изјави во разговор за АА Јосип Неис, сопственикот на моделот од 1961 година, кој додаде дека не знае колку долго неговото возило било користено од полицијата.
Ќеримагиќ истакна дека имало многу работа околу организирањето на Фиат-фиќо фестот и ја искористи можноста да ми се заблагодари на Ибрахим Хаџибајриќ, началникот на Општина Стари Град што овозможил автомобилите да бидат изложени на Башчаршија.
„Луѓето кои пристигнаа од странство секако сакаат да ја видат и Башчаршијата. Затоа ги споивме пријатното со корисното и за оние кои доаѓаат, но и за оние кои гледаат и уживаат. Приметивме дека посетителите навистина уживаат. Луѓето се носталгично поврзани со моделот на фиќо, затоа што тој беше автомобил на нашата младост. Со него се забавувавме и возевме наоколу, тој ни беше главниот автомобил. Покрај тоа, јас со фиќо се возев и се натпреварував во брзинските трки далечната 1968 година, па се до 1985. Првата љубов нема заборав. На барање на моето семејство, мојот син и сопруга, го организирав овој Фиќо фест, преку кој влегов во европската асоцијација, која организира вакви манифестации на различни места. На 2. септември заминуваме за Грац, Австрија, потоа Швајцарија, па во Германија. Многу сум изненаден колку возила на фиќо има во тие земји”, рече Ќеримагиќ и додаде дека сопствениците на „фиќо” негуваат голема љубов кон своите возила, што најдобро покажува фактот дека некои од учесниците на Фиат-фиќо фестот во Сараево пристигнале од земјите од западна Европа.
Тој додаде дека со членовите на европската асоцијација стапил во контакт преку побарувачката за резервни делови.
„Така дојдовме до овој собир, на кој го прославиме 62. роденден на фиќо на Башчаршја, во Сараево”, нагласи Ќеримагиќ.
Програмата на првиот Фиат-фиќо фест е целодневена. По изложбата на возилата на плоштадот во Башчаршија, учесниците ќе заминат на спомен-обележјето на убиените деца во опколено Сараево каде ќе положат цвеќе. Потоа ќе продолжат кон сараевската населба Добриње, каде ќе се одржи уште една изложба. Потоа во рамките на програмата, учесниците на фестот заминуваат кон Игман и Бјелашница, каде е планирано одржување на тест на умешност.
На Фиат-фиќо фестот во Сараево учествуваат 66 возила, а најстариот модел потекнува од 1957 година.
Модел Фиат 600 за првпат е претставен во 1955 година на саемот на автомобили во Женева. Во поранешна Југославија, атомобилската компанија Застава истата година започна да го произведува овој автомобил по лиценца на фиатовиот модел 600. Моделот кој го произведуваше фабриката од Крагуевац го носеше името Застава 750, а се произведуваше сѐ до 1985 година. На подрачјето на поранешна СФР Југославија, овој модел беше познат под прекарот „фиќо”.