Admir Fazlagic
29 Јули 2017•Ажурирај: 30 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Граѓаните на Скопје денеска се запознаа со опремата која е дел од заедничка воена вежба на Армијата на Република Македонија (АРМ) и вооружениете сили на Соединетите Американски Држави (САД) наречена „Dragoon Guardian", која ќе се оджува до 10 август на армискиот полигон Криволак,пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Министерството за одрбана на Република Македонија, во главниот град денеска беа презентирани воено теренски возила, опрема и лично вооружување, медицинска опрема, заштитна опрема, како и опрема за детекција на експлозивни средства.
„Поставената воена опрема е дел од опремата која ја користат припадниците на инженерискиот сквадрон на копнените сили на Армијата на САД за Европа и на инженерискиот баталјон од Првата механизирана пешадиска бригада на АРМ како и на четата на АБХО која се користи на заедничката вежба помеѓу двете армии", соопшти ресорното министерство.
На отворената презентација присуствуваа заменик министерот за одбрана Беким Максути и амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли.
Во изјава за медиумите, заменик министерот Максути истакна дека оваа вежба е круна на соработка помеѓу двете армии.
„Билатералната соработка меѓу Македонија и САД е одлична и оваа вежба која е дел од соработката во одбраната покажува дека најголем поддржувач на Република Македонија за членство во НАТО се токму Соединетите Американски Држави. Република Македонија де-факто е подготвена уште денес да стане дел од Алијансата, меѓутоа се надеваме дека и другите пречки кои и се добро познати на јавноста, полека, со една позитивна клима и со еден добар пристап, ќе успееме да ги надминеме и што поскоро да бидеме дел од НАТО“, рече Максути.
Цивилно воената соработка со општините продолжува и наредните денови.
Утре ваков вид на презентација ќе имаат можност да погледнат жителите на Штип и Велес.