Zylfije Adem Jakupi
18 Мај 2021•Ажурирај: 19 Мај 2021
ПРИШТИНА (АА) - Министерствата за одбрана на Косово и Албанија потпишаа договор за соработка, кој предвидува зголемување на бројот на активности што двете војски заеднички ќе ги спроведуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
По свечената церемонија за дочек на албанската делегација на чело со министерот за одбрана, Нико Пелеши, и состанокот на двете делегации, косовскиот министер за одбрана, Арменд Мехај, на прес-конференцијата изјави дека предизвиците во животната средина на Косово и Албанија се исти, па со тоа стратешките цели на двете држави се слични.
„Ценејќи ги одличните братски односи меѓу нашите две земји, изразуваме заедничка волја тој однос да се подигне на уште повисоко ниво со цел создавање нова практика на заедничките проекти, како и создавање на законска основа за што подобра можна координација на нашите воени активности“, нагласи Мехај.
Министерот Мехај изјави дека е потпишан договор меѓу двете земји, кој предвидува спроведување заеднички активности на професионално ниво меѓу двете министерства, координација на стручните совети на Министерството за одбрана на Албанија за помош во политички, воени и правни прашања за интеграција на Косово во НАТО, како и заеднички воени вежби и ангажирање и учество во меѓународните операции во иднина.
„Албанија ќе продолжи да го поддржува Косово во сите процеси, посебно на патот кон членство во НАТО“, порача министерот Пелеши.
„Преминавме пат кон кој се стреми Косово, односно пат кон членство во НАТО. Членови сме во НАТО веќе 12 години, така што имаме искуство кое можеме да го поделиме со Министерството за одбрана, со Косовските безбедносни сили на патот кон најголемиот политички и воен сојуз, чиј сме дел“, изјави Пелеши.
Исто така, министерот Пелеши зборуваше и за НАТО-вежбата „Defender Europe 2021“, која се одржува во Драч и во која со 28.000 американски трупи, учествуваат и Албанија и Косово. Пелеши изјави дека учеството во оваа вежба е важна порака за улогата на овие две земји во регионот. Целта на оваа вежба е да се зголеми подготвеноста и да се оствари интеракција меѓу американската Војска, НАТО и партнерските војски, така што ќе бидат заедно подготвени да одговарат на секоја закана.