Zlatan Kapiç
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
САРАЕВО (АА) - Претседателката на Здружението „Движење на мајките од енклавите Сребреница и Жепа“, Мунира Субашиќ, ја оцени како неправедна денешната второстепена пресуда на судот во Хаг, изречена по обвиненијата на повеќе од шест илјади преживеани жртви од геноцидот во Сребреница, поднесени против Владата на Холандија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Еве, денес доживеав голема неправда во својот живот. Ова не е пресуда на Мунира, ова е пресуда за муслиманите, пресуда во којашто не можеа да ја прифатат одговорноста за десет илјади муслимани, а се одговорни. Без оглед на сѐ, судот прифаќа дека се одговорни 30 отсто. Сепак, ќе остане забележано дека тие се одговорни и ќе биде забележано дека мајките поднеле обвиненија против нив“, изјави Субашиќ.
Алмедина Пашиќ во геноцидот извршен над Бошњаците во Сребреница го изгуби таткото Мевлудин Пашиќ, кој беше и вработен при холандскиот баталјон на силите на ОН.
„Очекував многу повеќе. Очекував конечно, по толку години, навистина да се рече да, ние сме виновни, но тоа не се случи. Ние ќе одиме понатаму, дојдов тука денес поради својот татко. Тој беше на листата на овие 350 жртви, а беше и вработен во базата на ОН”, изјави Пашиќ.
Окружниот суд во Хаг со второстепена пресуда потврди дека Холандија е делумно одговорна за смртта на речиси 300 Бошњаци кои се протерани од базата на ОН во Сребреница.
Одлуката на Хашкиот Апелационен суд ја потврди одлуката од 2014 година, во која е наведено дека холандските власти требало да знаат дека мажите што бараат засолниште во нивната база во Поточари ќе бидат убиени од страна на војската на босанските Срби доколку бидат натерани да ја напуштат базата, како што се случи“.