Ekip
31 Август 2017•Ажурирај: 01 Септември 2017
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Како што се приближува големиот муслимански празник Курбан Бајрам, така повеќе се интензивираат подготовките на припадниците од оваа вероисповед за одбележување на овој значаен празник, јавува Anadolu Agency (AA).
Традиционално, во градот Скопје веќе е отворен импровизираниот пазар за добиток, кој го посетуваат оние што сакаат да колат курбан во чест на овој голем муслимански празник.
Трговците велат дека за разлика од претходната година, интересот за добитокот е многу помал, што се одразува и на неговата цена.
Како што велат тие, минатата година една овца се продавала за сума од 100 евра, а пак оваа година, поради намалената побарувачка, цените се движат од 80 евра па нагоре.
Исламската заедница на Република Македонија соопшти дека организира колење курбан, а цената на курбанот изнесува 120 евра.
Муслиманските верници во Албанија започнаа со подготовките неколку дена пред Курбан Бајрам, со купување различни прехранбени производи, па сѐ до курбани. Во главниот град на земјата, Тирана, каде што се наоѓаат поголемите трговските центри, како и најголемите сточни пазари, веќе неколку дена се вршат подготовки за купување курбан.
Но подготовките за купување курбан се вршат и во други места во земјата. АА го посети сточниот пазар во Тапиз, зона меѓу Тирана и Кроја, каде што различни трговци продаваат добиток што муслиманите го купуваат за Курбан Бајрам.
Според трговците, цената на поситниот добиток варира од 100 до 130 евра, а интересот е ист како и минатата година.
Од друга страна, се организира и доделување курбани како и во изминатите години, организирано од страна на албански и странски хуманитарни организации.
Во Косово и оваа година, како и во изминатите, граѓаните по повод Курбан Бајрам ги посетуваат сточните пазари.
Трговците велат дека цената на курбанот изнесува од 130 до 250 евра, и оти оваа година имало добра продажба. Купувачите на курбани истакнуваат дека секоја година продолжуваат со традиционално колење на курбанот. Тие велат дека еден дел од курбанот се дава на сиромашни, еден дел се дели со блиските, а еден дел оставаат за себе.
Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.