Ivana Ramadanova
20 Јуни 2017•Ажурирај: 20 Јуни 2017
СКОПЈЕ(АА) - По повод Светскиот ден на бегалците, народниот правобранител денес испрати соопштение преку коешто изразува загриженост за тоа што Република Македонија овој ден го одбележува со политика на затворени граници кон бегалците, односно кон луѓето кои биле принудени да го напуштат својот дом поради конфликт или прогон, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во оваа смисла, народниот правобранител ги повикува надлежните институции на целосно почитување на правата на овие лица согласно меѓународните документи и особено Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951, како и Протоколот од 1967. Истовремено, народниот правобранител упатува апел за поголема солидарност со бегалците, во обид да се зачува нивното човеково достоинство и да се почувствуваат повторно безбедни, сигурни и прифатени во новата средина“, се вели во соопштението од Народниот правобранител во Македонија.
Генералното собраните на Обединетите нации во 2000 година го прогласи 20 јуни за Светски ден на бегалците, ден кој се одбележува речиси во сите делови во светот.
Светскиот ден на бегалците се одбележува со единствена цел да се привлече вниманието на меѓународната јавност за тешката положба на присилно раселените луѓе во светот, во ситуација кога бројот на луѓето што живеат далеку од своите домови драматично се зголемува секоја година.