Aleksandar Niciforovic
25 Јуни 2020•Ажурирај: 26 Јуни 2020
НОВИ ПАЗАР
Градскиот штаб за вонредни ситуации на градот Нови Пазар на итна седница одржана онлајн донесе одлука за прогласување вонредна состојба на територијата на градот, поради влошување на епидемиолошката ситуација, зголемениот број на заразени и ширењето на коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Со цел спречување на понатамошно ширење на коронавирусот, Штабот за вонредни ситуации на градот Нови Пазар нареди низа мерки.
Мерките со кои сака да се спречи ширењето на вирусот меѓу граѓаните на Нови Пазар стапуваат во сила на денот на донесувањето, а со нив е забрането собирање на повеќе од пет лица во затворен јавен простор, а мерките во најголем дел се однесуваат на угостителските објекти.
„Работата на угостителските објекти е ограничена на време од 7 до 19 часот, во нив мора да се држи дистанца од два метри, на маса можат да бидат две лица а гостите и вработените мораат да носат заштитна опрема. Се забранува организирање и одржување на сите семејни прослави и веселби, соопшти Градскиот штаб за вонредни ситуации на Нови Пазар.
На градските јавни комунални претпријатија им е наредено зголемено одржување на јавната хигиена во градот и дезинфекција на јавните простори и површини.
На верските заедници ќе им биде упатена молба верскиот живот да го прилагодат на актуелната ситуација.
Заводот за јавно здравје на Нови Пазар од почетокот на епидемијата тестираше 4.168 лица, а Ковид-19 е потврден кај 444 лица.