Husamedın Gına
25 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска во Владата имаа новогодишна дружба со децата од малите групни домови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање пред децата, премиерот Зоран Заев истакна дека како Влада, општество и како повозрасни ќе им помогнат на децата да ги остварат соништата, желбите и плановите што ги имаат, бидејќи човечки е да се има сон и надеж.
Истакнувајќи дека сака да ги инспирира сите деца да не се откажуваат од нивните соништа, замисли и желби, премиерот Заев нагласи: „Некој пат можеби ќе дочекате некое разочарување, но да знаете дека ако бидете упорни ќе ја достигнете целта сто отсто сигурно ако доволно ја посакувате.“
Упатувајќи порака до децата, премиерот Заев рече дека животот е предизвик којшто мора и треба да се зграпчи, а откако ќе се зграпчи треба да му се радуваме и да уживаме во него.
Премиерот Заев, посакувајќи им на децата среќна Нова година, им подели новогодишни пакетчиња и една книга со збирка раскази и песни насловена како „Моето патување во Фантазија“.
Децата од малите групни домови на денешната средба со премиерот имаа музички настапи, а на премиерот Зоран Заев и на министерката Мира Царовска им подарија слика изработена во нивните работилници.
На крајот од новогодишната дружба премиерот Заев ги прошета децата низ зградата на Владата, за да видат каде премиерот и министрите работат и каде држат состаноци.