СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Претставникот на УНХЦР за Македонија, Мохамед Ариф, во разговор за АА зборува за моменталната состојба со бегалската криза во земјава, илегалното преминување на бегалците и мигрантите кои преку алптернативни начини влегуваат на територијата на Македонија, како и можноста од нов бегалски бран.
Според неговите зборови, илегалното поминување на бегалците започна во истиот момент откако беше затворена Балканската рута.
„Илегалното преминување на бегалците и мигрантите во оваа држава продолжува уште од денот кога границата е затворена. Бранот продолжува низ илегални поминувања користејќи ги криумчарите, кои ги носат луѓето тука и одат кон Србија. Ова е тековната појава. Ваквата ситуација предизвикува многу страдања, тешкотии, за децата, жените и болните луѓе, а криумчарите станаа поактивни", вели Ариф.
Сите релевантни институции кои работат во справувањето со бегалската криза, вклучувајќи ги институциите на државата, УНХЦР и цивилниот сектор имаат и општествена обврска да помогнат, вели Ариф, објаснувајќи дека треба да се направи се со цел да нема повеќе страдање за луѓето кои го чекорат патот на спасот. Посебно, потенцира тој, особено внимание треба да се обрне на опасноста од криумчарите кои ја искористуваат маката на бегалците.
„Криумчарите се тука, ние не знаеме што прават тие, секогаш се обидуваат да обезбедат повеќе материјална корист за себе од овие луѓе кои страдаат, општеството има обврска да не ги пушти во рацете на криумчарите", смета Ариф.
Во однос на Договорот на ЕУ и Турција за бегалците, Ариф вели дека УНХЦР не учествувал во овој договор, но сепак е тука да ја обезбеди потребната помош со цел да се заштитат правата на бегалците.
„Договорот како што гледаме помага да се намали бегалскиот бран, но не знаеме како ќе биде, не знаеме како ќе продолжи. Ние како УНХЦР ќе работиме да се подготвиме ако имаме ситуација како минатата година, кога илјадници луѓе поминуваа од тука, да се справиме со тоа. Ако се случи тоа, мораме бидеме подготвени да се справиме таквите ситуации, но се надевам дека тоа нема да се случи. Но тоа зависи од ЕУ, Владата на Турција ... Да видиме како тие ќе го имплементираат договорот кој го имаат постигнато", рече Ариф.
Говорејќи околу можноста за нов масовен бегалски бран, меѓу другото, Ариф вели дека зависи и од имплементацијата на договорот за бегалците на ЕУ и Турција.
„Зависи од договорот од ЕУ и Турција, како ќе продолжи да се имплементира договорот. Шансите за голем бран зависат од овој договор. Секоја земја се обидува да ги заштити границите. Ако се случи ова ќе има многу страдања. Кои се шансите да се случи ова е прашање за милион долари, ние тоа не го знаеме", истакнува Ариф додавајќи дека треба да бидат подготвени доколку се случи, да можат соодветно да реагираат.
Моментално, во Република Македонија, според податоците на УНХЦР има 271 бегалец, од кои 128 во прифатно-транзитниот центар Винојуг на македонската јужна граница, 103 во транзитниот бегалски центар Табановце на македонската северна граница и 40 во Скопје. Првиот човек на УНХЦР во Македонија, Мохамед Ариф, алармира дека состојбата со бегалците кои престојуваат повеќе од 6 месеци во транзитните центри е загрижувачка, бидјеќи центрите не се соодветни за долг престој на бегалците.
- УНХЦР: Загрижени сме за состојбата со бегалците сместени во прифатно-транцитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија -
„Овие бегалци се повеќе време тука. Посебно сме загрижени за бегалците во центарот во Винојуг. Го посочивме овој проблем на сите нивоа на власта, во неколку наврати разговаравме со Mинистерерството за внатрешни работи и со сите надлежни, има бегалци кои сè уште престојуваат во оваа држава, инстистиравме и бараме бегалците да бидат преместени. Условите во овие центри се за неколкучасовен престој, и тие се добри за тоа, но тоа не се соодветни центри за подолг престој. Имаме луѓе кои престојвуаат подолго време, 6-7 месеци, потребно е да се изнајде начин за места во долг престој", потенцира Ариф, додавајќи дека на овие луѓе им е потребна поголема слобода на движење како и соодветни услови за подолг период.
„Всушност, прашањето е - Тука имаме 271 луѓе, тоа не е голема бројка, тие се тука, туку дали ова значи дека ние не сме во можност да го решиме нивното прашање 6-7 месеци веќе? Сè уште не се најде решение за овие луѓе. Треба да се поработи на ова", порачува претставникот на УНХЦР во Македонија, Мохамед Ариф.
Универзитетскиот професор и експерт за миграции Трпе Стојановски, во разговор за АА вели дека постојат повеќе индикатори кои покажуваат дека е зголемена бројката на обиди за илегално преминување на границите на земјите од Балканската рута, како и дека соработката меѓу институциите на регионално ниво е подобрена, но сепак потребно е уште работата за тоа да биде на потребното ниво.
„Повеќе индикатори покажуваат дека во регионот, иако зелените граници силно се обезбедуваат, сепак има зголемен број мигранти и бегалци кои се обидуваат да стигнат до крајните дестинации - ЕУ земји. Во Македонија подолго време на границата кон Грција се присутни македонски безбедносни структури (полиција која го контролира минувањето преку границата и ги регистрира минувањата и војска која помага во физичко обезбедување на зелената граница. Од минатата година на ова подрачје се присутни и полициски службеници од неколку ЕУ земји и Србија, кои заедно со македонските полициски службеници патролираат во граничниот појас од македонска страна. Секако, мегуинституционалната соработка меѓу владините и невладините институции се подобрува, иако има уште многу да се стори", вели Стојановски, според кој нови предизвици со мешаните миграциски текови се можни, особено што поучени од претходната криза, многу состојби тешко може да се предвидат.
- Стојановски: Патот за целосна имплементација на Договор помеѓу ЕУ и Турција е многу долг -
Коментирајќи ја важноста на Договорот за бегалци помеѓу ЕУ и Турција и неговата целосна имплементација, Стојановски е со став дека се работи за договор кој што е многу долг и дека не постои алтернатива за истиот.
„Договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција за цело време е фрагилен, од аспект на неговото спроведување. Веројатно двете страни повеќе внимание им посветуваат на деловите кои се обврска на другата страна. Патот за целосна имплементација на овој договор е многу долг. Од друга страна, не постои алтернатива за истиот", смета експертот за миграции Стојановски.
Евентуални мерки кои би се преземале во ЕУ би можеле да влијаат на состојбите со бегалската криза во Србија и Македонија, истакува Стојановски објаснувајќи ја важноста на регионот како дел од рутата на бегалците.
„Македонија е на важно геостратешко место по кој минуваат бегалците, имајќи во вид дека од Турција мигрантите минуваат најчесто преку Грција (во еден дел и преку Бугарија) која е дел од ЕУ. Минувајки низ Македонија, а потоа и Србија, тие продолжуваат кон Хрватска (во помал број и кон други земји) што е повторно дел од ЕУ. Оттука, евентуални мерки кои би се преземале во ЕУ, сериозно може да влијаат на состојбите во Србија и Македонија", вели Стојановски.
„Поради горното, но и поради повеќе работи поврзани со мешаните миграциски бранови, подобро организирана регионална и меѓународна соработка би влијаело позитивно", заклучува Стојановски во разговор за АА, анализирајќи ги состојбите со миграциските текови.
- Од затворањето на Западно-балканската рута во Македонија се откриени вкупно 25.069 мигранти -
Македонската полиција речиси секојдневно спроведува акции на пронаоѓање на илегални мигранти кои преку алтернативни начини со помош на криумчарите се обидуваат да влезат на територијата на Република Македонија и да продолжат кон земјите од западна Европа.
„Откако на 08 март 2016 година, официјално е затворена Западно-балканската рута, оттогаш па наваму не се дозволува влез на мигранти на јужната граница со Република Грција и излез на северната граница и не се издаваат потврди за искажана намера за признавање право на азил. Во периодот од 08 март до 26 октомври 2016 година, во близина на границата и во внатрешноста на Република Македонија, во околината на Гевгелија, откриени се вкупно 25.069 мигранти и истите се одвратени во Република Грција. Во истиот период (од 08 март до 26 октомври 2016 година), откриени се вкупно 69 случаи во обид да се прокриумчарат вкупно 1.484 мигранти", велат за АА од Секторот за односи со јавноста и протокол при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
Во однос на ваквите случаи кои ги открива полицијата, од МВР за АА велат дека по нивното пронаѓање следи посебна постапка.
„Доколку биде откриена група или лице, истите се носат во Прифатните центри Табановце или Гевгелија, со нив се извршува разговор и доколку при преглед на личните работи или самоволно дадат документи со кои ќе се докаже дека биле во некои прифатни центри во Република Грција, Одделот за гранични работи и миграции отпочнува постапка за реадмиција, доколку како Оддел поседуваат докази или валидни документи. Доколку пак лицата изразат намера да поднесат барање за азил за истото се известува Одделението за азил за понатамошна постапка согласно закон”, објаснуваат од МВР.
news_share_descriptionsubscription_contact
