Husamedin Gina
22 Април 2020•Ажурирај: 23 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) – Техничкиот премиер на Северна Македонија, Оливер Спасовски, истакна дека Владата донела одлука од утре, четврток, 23 април, носењето на заштитните маски да биде задолжително, а исто така донесена е и одлука за намалување на рестрикциите на движењето во на територијата на целата држава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче, преку онлајн-видео комуникација одржаа прес-конференција.
Истакнувајќи дека мерките што ги воведе Владата за справување со коронавирусот дадоа резултати, премиерот Спасовски рече дека бројките покажуваат дека стратегијата е добра и дека тоа се гледа од тоа што има помал број на заболени граѓани од повозрасните категории.
Спасовски истакна дека од утре сите граѓани, при пазарење во маркетите, одење во банки, и на отворени простори каде не може да се одржува физичката дистанца од два метри ќе мораат да носат заштитни маски.
„При секое излегување надвор строго да се придржуваме до мерките за лична заштита. Да носиме заштита за лицето, односно носот и устата. Маска, марама или шал, да држиме физичка дистанца од 2 метри и да не се групираме, затоа што само така го штитиме сопственото и јавното здравје“, нагласи Спасовски.
Посочувајќи дека значаен процент од заболените се асимптоматски, Спасовски рече дека прекривката на носот и устата ќе овозможи прекин на преносот на вирусот.
Според премиерот, маски нема потреба да се носат во двор, на тераса, при возење велосипед, спортување или при возење во патничко возило со лица со кои се живее во заедница.
„Меките мерки предвидуваат зајакната индивидуална одговорност, со цел заедничка борба за колективно здравје“, нагласи премиерот Спасовски.
Тој на прес-конференцијата се осврна и на намалувањето на рестрикциите на движењето низ целата територија на државата.
Според премиерот, секој работен ден, од понеделник до петок, ќе биде дозволено движење на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот, а забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро.
За лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05:00 часот наутро до 12:00 часот напладне, рече премиерот и додаде дека младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.
Премиерот исто така рече дека се намалени ограничувањата за движење за време на викендите.
Така, забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро. Во сабота, за лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот наутро, а младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на заедничката прес-конференција истакна дека расте бројот на излекувани пациенти, што, како што рече претставува дополнителна мотивација за лекарите.
„Досега излекувани се вкупно 272 [лица], а од нив најнови се 48, од кои шест се лекувале во болница и 42 во домашни услови“, рече Филипче.
Осврнувајќи на меките мерки, министерот нагласи дека е многу важно покривањето на дишните патишта за да се одржува стабилниот тренд и линеарниот пораст на пациентите.