Bojana Stojanovic
14 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
БЕЛГРАД
Претседателот на Словенија, Борут Пахор, изјави дека би требало да се забрза проширувањето на Европската Унија (ЕУ) со земјите од Западен Балкан, и изрази очекување дека на претстојниот Самит на лидерите од тој регион , во рамките на процесот Брдо - Бриони, ќе биде испратена единствена порака во Брисел, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката конференција за новинарите со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Пахор рече дека е во посети на земјите од регионот поради подготовките за тој самит, што ги требало да се одржи в понеделник.
„Сакав со сите да се посоветувам за идејата којашто произлегува од нацрт-заклучокот на конференцијата - дека проширувањето на ЕУ на Западен Балкан е геополитичко прашање и нужност и дека тоа мора да се одвива побргу, а ЕУ мора пред своите очи да го има целиот простор на Западен Балкан, при што би било извонредно, кога повеќе или помалку, речиси истовремено сите земји од тој простор да влезат во ЕУ“, наведе Пахор.
Тој рече дека и мирот и стабилноста на Западен Балкан можат да бидат сочувани единствено со релативно брз влез на сите земји од регионот во Европската Унија.
„Некои чувствителни билатерални прашања меѓу државите во регионот би биле полесно решени или би станале небитни во случај на влез на сите земји во ЕУ во што покус период“, истакна Пахор.
Запрашан за изјавата за „алтернативно менување на границите“, Пахор одговори дека не верува дека е можна мирна измена на границите на овие простори, и додаде дека можеби тоа така би започнало, но дека е убеден оти тоа така не би завршило.
Претседателот на Србија, Вучиќ, изјави дека со Пахор разговарале за клучните регионални прашања, за евроинтеграцијата на Србија и билатералните односи меѓу двете земји.
„Нашата позиција е заснована врз почитување на меѓународното јавно право и цврсти правни темели, а нашата позиција не е лесна и тоа не е тајна за никого во Србија. Јасно е дека имаме поинаков став во однос на прашањето за Косово, како и 22-те земји членки на ЕУ“, истакна Вучиќ.
Според неговите зборови, улогата на Словенија на Западен Балкан е важна.
„Словенија претседава со Европската Унија од јули и важна ни е поддршката на европскиот пат“, рече тој, и додаде дека Србија и Словенија за 10 години повеќе од двојно ја зголемиле трговската размена, која расте, и покрај пандемијата на коронавирусот.
Вучиќ потсети дека Србија, во однос на прашањето за Косово се залага за дијалог под закрила на Брисел, бидејќи замрзнатите конфликти завршуваат со „стотици мртви“.
Тој оцени дека на дело е брутално лицемерие на дел од западните сили, кои измислуваат принципи по потреба, како што е приказната за неменливоста на границите.
„Србија строго ќе се држи до принципите“, порача Вучиќ.