Zylfije Adem Jakupi
29 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
ПРИШТИНА (АА) - Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово најави дека Косово и Израел ќе воспостават дипломатски односи в понеделник, 1 февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека Косово влегува во нова историска фаза со државата Израел и дека со тоа го зајакнува меѓународниот државен субјективитет на Косово.
„В понеделник, 1 февруари, со свечена виртуелна церемонија ќе биде потпишана формализацијата на дипломатските односи меѓу Република Косово и државата Израел. Официјалното потпишување на дипломатските односи ќе биде реализирано од министерот за надворешни работи и дијаспора на Република Косово, Мелиза Харадинај-Стубла и министерот за надворешни работи на Израел, Габриел Ашкенази“, се вели во соопштението.
Се додава дека израелското признавање е едно од најголемите достигнувања на Република Косово што е овозможено благодарение на нејзиниот вечен сојузник, Соединетите Американски Држави (САД).
„Овој многу важен момент за нас е продолжување на долгото пријателство меѓу нашите народи, кое сега е крунисано со воспоставување дипломатски односи“, изјави по овој повод шефицата на косовската дипломатија на должност, додавајќи дека Косово им е вечно благодарно на САД.
Признавањето на Косово од страна на Израел е договорено во рамките на Вашингтонскиот договор за нормализација на економските односи меѓу Косово и Србија, потпишан на 4 септември во Белата куќа, во присуство на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.