Fatjon Cuka,Dzihat Aliju
26 Ноември 2020•Ажурирај: 27 Ноември 2020
ТИРАНА
Помина една година од земјотресот со јачина од 6,3 степени кој се случи на 26 ноември минатата година во Албанија, додека оваа земја продолжува да ги лекува своите рани од земјотресот со помошта на различни земји, пред сѐ на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Епицентарот на овој земјотрес беше во градот Драч кој се наоѓа на далечина од 30 километри од албанскиот главен град Тирана, а се случи во 03:54 часот по локално време.
Како резултат на овој земјотрес загинаа 51 лице, повредени беа 913 лица, додека околу 17.000 беа принудени да ги напуштат своите домови.
Од овој земјотрес директно или индиректно беа погодени околу 202.000 лица, додека градовите кои беа најмногу погодени од земјотресот се Драч, Шијак, Кроја, Тирана, Камза, Каваја, Курбин и Леш.
Според заедничкиот извештај подготвен од страна на Владата на Албанија, Европската Унија (ЕУ), Обединетите нации (ОН) и Светската банка, земјотресот предизвика материјална штета од над 985 милиони евра.
Меѓу првите земји кои понудија помош веднаш по случувањето на земјотресот беше Турција, која со своите институции како Амбасадата на Турција во Тирана, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Турската црвена полумесечина, турската Управа за вонредни состојби (АФАД) и турскиот Национален тим на медицински спасувачи (УМКЕ), на терен им излезе на помош на лицата погодени од земјотресот.
Од друга страна, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, веднаш по земјотресот кој се случи на 26 ноември, даде инструкции за изградба на 500 станбени единици за лицата погодени од земјотресот, а Министерството за животна средина и урбанизам на Турција и Министерството за реконструкција на Албанија потпишаа протокол за соработка за изградба на станбени објекти по земјотресот.
Проектот се реализира од страна на турската Управа за развој на јавното домување (ТОКИ), а изградбата на 524 станбени објекти започна во август.