Agim Sulaj
18 Февруари 2026•Ажурирај: 19 Февруари 2026
ПРИШТИНА (АА) - Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, во своето завршно обраќање во Специјалниот суд за воени злосторства во Косово изјави дека постои само една вистина, а тоа е неговата невиност, јавува Анадолу.
Тачи, кому му се суди заедно со уште тројца поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), изјави дека тој бил само студент во Швајцарија кој се подготвувал за испити, а не за преземање контрола во Косово, како што тврди Специјалното обвинителство во Хаг, кога во Косово избувнала војната.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на Обвинителството. Ја слушавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, рече Тачи.
Тачи изјави дека единствениот човек што правел морбидни планови бил Слободан Милошевиќ, кој исто така бил фактор за создавање на отпорот во Косово, што ги обединил Албанците од различни страни.
Тачи рече дека е горд на своето учество во отпорот во Косово и дека тоа би го направил секој.
„За тоа сум горд и никогаш не се каам. Но, тоа е навреда за споменот на хероите и илјадниците жртви. Тоа е навреда и за напорите на НАТО со кој тесно соработувавме“, изјави Тачи.
Според Тачи, единствениот негов и противник на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Овие обвиненија се многу тешки. За време на војната не знаев дали ќе бидам жив, од час во час, од ден во ден. Не бев сигурен дали ќе го видам моето семејство, сопругата и новородениот син, а камоли да сонувам дека ќе вршам контрола во Косово, во целосно окупираното Косово. Фактот што сме живи беше среќа. Се вратив во татковината за да го ризикувам својот живот за слобода. За каква контрола станува збор? Контролата и власта беа во железните раце на Слободан Милошевиќ“, изјави тој.
Тачи рече дека Милошевиќ бил причината зошто ОВК се мобилизирала, а не тој.
„Ова обвинителство ми додели многу чинови, ме пофали. Не бев јас тој што го пренесе отпорот од Западот во Косово. Му се приклучив на отпорот во Косово. Не бев јас причината зошто ОВК се мобилизираше, туку Милошевиќ“, додаде Тачи.
Тој рече дека Обвинителството ги издигнува до небо фабрикуваните сведоштва од епохата на Милошевиќ, игнорирајќи ја вистината.
Тачи понатаму говореше и за периодот по војната, предизвиците на Косово во градењето на државата и обвиненијата за воени злосторства на ОВК.