Admir Fazlagic
16 Декември 2017•Ажурирај: 17 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со неговиот колега, премиерот на Република Албанија, Еди Рама, денеска беше во посета на општина Пустец, пренесува Anadolu Agency (AA).
За време на посетата на општина Пустец, премиерите Заев и Рама се сретнаа со жители на оваа општина и реализираа повеќе заеднички активности.
Двајцата премиери, Заев и Рама, прво разговараа со раководителите, наставници и ученици во едно од училиштата во општината, С.У. „Трајан Горѓиовски и Митре Колевски“. На средбата со премиерите и министрите на двете земји, учениците ги поздравиле со рецитали на македонски и албански јазик.
Потоа премиерите Заев и Рама имале заеднички состанок со преставници на општината Пустец, заменик градоначалникот и советниците, кои ги објаснија приоритетите за коишто очекуваат поддршка, информирраат од Владата.
„Ова е начин да ги отвораме и да ги решаваме прашањата. Присуството на двајцата први луѓе на извршната власт во Македонија и во Албанија, тука во Пустец е голема симболика за унапредувањето на односите меѓу двете земји, бидејќи малцинските заедници се мостот на таа соработка и грижата за нив е од големо значење“, рекол премиерот Заев на состанокот.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев изрази благодарност до премиерот на Република Албанија, Еди Рама, за грижата што ја покажува за граѓаните во Албанија со македонско етничко потекло.
„Се работи за две држави - европски ориентирани, што се подготвени да ги негуваат малцинските права“, додал премиерот Заев, се вели во соопштението на Владата на Македонија.
На состанокот со локалните власти во Пустец, премиерот Заев најави дека и Владата на Република Македонија ќе помогне во решавањето на прашањата што се од важност за жителите со македонско етничко потекло во Албанија.
На состанокот се разговарало за унапредување на употребата на македонскиот јазик во местата каде што живеат граѓани од македонско етничко потекло, како и за начините на коишто може да се унапредат културните, образовните и инфраструктурните потреби.
Исто така, како што се соопштува, премиерот Заев и премиерот Рама ја посетиле црквата „Св. Архангел Михаил“ во општина Пустец.
Премиерот Заев, беше придружуван од заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за образование и наука, Рената Дескоска и министeрот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми заедно со премиерот на Албанија, Рама, кој беше придружуван од Дитмир Бушати, министер за Европа и за надворешни работи, Линдита Никола, министерката за образование и Пандели Мајко, министер за дијаспора.