Ekipa
12 Јуни 2022•Ажурирај: 13 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и членови на владината делегација денеска присуствуваа на литургијата во соборниот храм на Вселенската патријаршија во Истанбул, со која сослужуваа поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан, и патријархот Вартоломеј, патријарх на Вселенската патријаршија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како дел од владината делегација беа министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
За делегацијата на Владата по литургијата приреден е прием, а премиерот Ковачевски остварил тет-а-тет средба со патријархот Вартоломеј, соопшти Владата на РСМ.
„На патријархот Вартоломеј лично му ја пренесов благодарноста на православниот македонски народ за одлуката за прием во канонско единство со православната заедница на нашата МПЦ - Охридска архиепископија“, напиша по средбата премиерот Ковачевски на официјалниот профил на Фејсбук.
Од Владата додадоа дека Ковачевски на средбата истакнал дека постапката на патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија претставува историски настан со кој конечно се исправа долгата неправда.
„Голем и историски значаен е овој ден“, порача Ковачевски.
Тој додаде дека со прифаќањето на МПЦ - Охридска архиепископија како канонска црква се потврдува автентичноста на македонскиот идентитет.
Да потсетиме, на 9 мај оваа година Синодот на Вселенската патријаршија на своето заседание под претседателство на патријархот Вартоломеј донесе одлука со која ја признава Охридската архиепископија за канонска.
Оваа одлука не значеше томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на Македонската православна црква (МПЦ), туку претставуваше објава дека црквата повеќе не е во раскол со православниот свет.
Неколку дена по признавањето, на 19 мај, во Белград, српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, со архиереите на двете цркви, одржаа литургија на помирување по 55-годишниот спор.