ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави во Приштина дека е за жалење тоа што наместо конкретен напредок во дијалогот и заемно признавање на Косово и Србија, денес можат да се видат воени театрални маневри на Србија на границата со суверената држава Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција со премиерот на Косово, Албин Курти, по состанокот на делегациите на двете земји, Рама оцени дека воените маневри на Србија на северната граница со Косово не ги бранат српските граѓани, иако, како што рече, тоа го тврди српското официјално раководство. Тој го нагласи фактот дека српските граѓани живеат без никакви закани на Косово, тие дури и не плаќаат сметки за струја, што, како што истакна, го нема никаде на Балканот, ниту во светот.
Според неговите зборови, „овие маневри поттикнуваат националистички вандализам на палење јавни институции што им служат токму на тие граѓани кои не се жртви на некаква државна репресија или етнички прогон, туку се заложници на стагнацијата на дијалогот помеѓу Србија и Косово“.
Рама смета дека одлуката за воведување реципроцитет на регистарските таблички од Србија е легитимно право на Косово.
„Ова е право на Косово и точка, не е на Србија, и Србија нема право да ги претвора регистарските таблички на возилата за секојдневна употреба во конфликтно секојдневие и од мува да прави бизон, како Владата на Косово да објавила некоја војна, а всушност едноставно бара имплементација на меѓусебно договорен договор“, рече Рама.
Тој истакна дека албанската Влада го дели уверувањето дека сега е потребен дијалог со цел да се избегне конфликт, дека е потребен рамноправен дијалог, и дека Србија треба да ја признае неповратната реалност - Косово.
Рама рече дека дошол во Косово веднаш по враќањето од Њујорк каде што учествуваше на Генералното собрание на ОН, каде побарал признавање на независноста на Косово. Истакна дека Албанија ќе ги искористи предностите на непостојана членка на Советот за безбедност на ОН за да го поттикне признавањето од сите на неповратната реалност - Косово, како природно завршување и формален период на расформирање на поранешна Југославија.
Косовскиот премиер Албин Курти повтори дека специјалните единици на полицијата на Косово се распоредени на северните гранични премини Јариње и Брњак со цел да ја заштитат граничната полиција. Тој рече дека за една недела од примената на одлуката за регистарските таблички, над 10.000 возила од Србија зеле пробни таблички и на ниту еден граничен премин немало инцидент.
Нагласи дека оние што ги блокирале патиштата сами себе се блокирале, првенствено бидејќи Србите поради блокадата треба да пешачат за да ги преминат граничните премини. Курти рече дека Косово дало понуда за укинување на пробните таблички од двете страни.
„Не вреди да се има привремени таблички и за Република Косово и за Република Србија, да ги тргнеме од двете страни. И, верувајте ми, постојат неспоредливо повеќе причини поради кои на Албанците можат да им сметаат српските таблички кои имаат четири букви С на кирилица, кои можевте да ги најдете на многу срушени куќи за време на војната, па дури и со нож врежани на градите на Албанците, отколку што би требало да паѓа в очи косовската карта на Србите во Србија“, рече Курти.
Косовскиот премиер рече дека разговарал со командантот на КФОР, Федерико Федеричи, и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и дека нема никакви информации за подготовка на некаква интервенција на КФОР на северот на Косово.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, премиерот на Албанија, Рама, оцени дека несогласувањето околу иницијативата „Отворен Балкан“ со премиерот на Косово, Курти, не ги загрозува односите меѓу двете земји, кои се национални и братски.
„Балканот е нашиот пат и кога велам нашиот пат, мислам наш заеднички пат за нашето општо добро. Според мое мислење, постои разлика помеѓу национализам и патриотизам. Национализмот значи да сакаш другата личност да се гледа лошо, додека патриотизмот значи да си посакуваш добро себеси. Се разбира, во овој момент имаме несогласување со Албин, но важно е да се сфати дека ова несогласување е од политичка природа и мора да го третираме како такво“, рече Рама.
Говорејќи за односите помеѓу Косово и Албанија рече дека сите договори што се досега потпишани треба да се применат за заемна корист, со цел да се избегне бирократијата и граѓаните од двете земји да ги почувствуваат придобивките од тие договори. Курти, исто така, рече дека е важна добрата координација во спроведувањето на договорот меѓу двете влади. Најавен е заеднички состанок на двете влади за последната недела од ноември во албанскиот град Драч.
Рама за време на еднодневната посета на Косово ќе има одделни состаноци и со лидерите на косовската опозиција. Посетата на Рама доаѓа откако Курти му честиташе за третиот избор за премиер на Албанија и го покани да го посети Косово.
Иако посетата на премиерот Рама беше планирана порано, таа доаѓа во момент на зголемени тензии во северниот дел на Косово, каде што српските граѓани веќе осми ден ги блокираат патиштата кон граничните премини Јариње и Брњак поради воведувањето реципроцитет на регистарските таблички од Србија.
news_share_descriptionsubscription_contact
