БЕЛГРАД (АА) - В недела, на 2. април, во Србија ќе се одржат претседателски избори, а речиси седум милиони гласачи избираат меѓу 11 кандидати. Според анкетите на јавното мислење, за првпат во период од четвртина век изборите нема да бидат неизвесни. Би можело да се случи еден кандидат да победи во првиот круг. Последен пат тоа се случи во 1992 година, кога 53 отсто од гласовите освои Слободан Милошевиќ, кој како обвинет за воени злосторства во Косово и во Хрватска и за геноцидот во БиХ почина во Хашкиот трибунал во 2006 година.
Доколку се остварат тие предвидувања, граѓаните не ќе мораат да излегуваат на вториот круг од гласањето, на 16 април.
Според истражувањето на „Ипсос стратеџик маркетинг“ и анкетата на „Демостат“, лидерот на Српската напредна партија и актуелниот премиер Александар Вучиќ би требало да добие околу 55 отсто од гласовите.
Програмата на Вучиќ се заснова на продолжување на реформите и на економскиот раст, а ветува и поголеми плати и пензии. По прашањето на надворешната политика, игра на картата „И исток и запад, и Русија и ЕУ“.
Во екот на изборната кампања, тој отпатува за Берлин и Москва и доби поддршка од Ангела Меркел и од Владимир Путин. На конвенцијата на изборите во белградската „Арена“, која симболично падна на годишнината од НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, на 24 март, со Вучиќ застана и Герхард Шредер, германскиот канцелар во времето на интервенцијата на НАТО.
- Разединетост на граѓанската опозиција -
Од друга страна, граѓанската опозиција е разединета, па на изборите одат со повеќе кандидати. Некогашниот заштитник на правата на граѓаните, Саша Јанковиќ, според последните анкети на „Стратеџик маркетинг“ има поддршка од околу 12 отсто од гасовите, додека Вук Јеремиќ има околу осум отсто.
Јанковиќ го поддржаа голем број личности од светот на уметноста, науката и од спортот. На неговиот завршен митинг во Белград, меѓу останатото зборуваа и актерите Никола Ѓуричко, Никола Којо и Сергеј Трифуновиќ.
Ни Јанковиќ ни Вук Јеремиќ, некогашниот министер за надворешни работи на Србија, зад себе немаат своја партија, па моменталната поддршка би можела да им даде стимул за да се наметнат како нови лидери на опозицијата, бидејќи сегашните не ги остварија замислените резултати по губењето на власта во 2012 година.
Најголемо изненадување на изборите би можел да биде Љубиша Прелетачевиќ-Бели. Зад овој псевдоним се крие најмладиот кандидат, дваесет и петгодишниот Лука Максимовиќ. Тој сака да го банализира системот, јава бел коњ и се вози во бели кочии.
Белиот костум, волнените чорапи и имитацијата на бунда се имиџ со кој го привлече вниманието на незадоволните, неопределни луѓе, заситени со политика. Процените велат дека овој кандидат би можел да освои од три до 12 отсто од гласовите. Иако неговите ветувања се сатирични, учеството во претседателската трка би можело да доведе до поголема излесност, а со тоа и да создаде неизвесност околу тоа дали Вучиќ ќе победи во првиот круг.
Во едно од ретките сериозни интервјуа Прелетачевиќ-Бели изјави дека Косово е составен дел од Србија, а за Сребреница не може конкретно да каже дека е геноцид.
Од останатите кандидати, повеќе од пет отсто поддршка од гласачите би можел да добие поранешниот шеф на Вучиќ, водачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кого минатата година Хашкиот трибунал, по долгогодишниот и контроверзен судски случај со првостепена пресуда го ослободи од обвиненијата за злосторство против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војување во текот на деведесеттите години, во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Иако анкетите не му даваат големи шанси, убедени се дека тој ќе влезе во вториот круг.
Според истражувањата на јавното мислење, сите останати кандидати, Саша Радуловиќ, Ненад Чанак, Бошко Обрадовиќ, Александар Поповиќ, Мирослав Паровиќ, Милан Стаматовиќ, заедно би можеле да освојат дури седум отсто од гласовите.
- Најкратка изборна кампања во историјата на Србија -
Во најкратката кампања во историјата на Србија, која траеше само 28 дена, кандидатите не покажаа голема разлика во програмите. Деветмината кандидати порачуваат дека „Косово е Србија”. Саша Јанковиќ оценува дека „Косово е фактички независно”, додека Ненад Чанак, смета дека „Косово е сосема независно од Србија”.
Против членството во Европската Унија се дури пет кандидати - Шешељ, Паровиќ, Поповиќ, Обрадовиќ и Стаматовиќ.
Речиси сите кандидати ветуваат отворање на нови фабрики, обновување на старите индустриски гиганти и нови работни места, значи, сето она што спаѓа во опис на функцијата премиер, а не на функцијата претседател на државата.
Всушност, основната улога на претседателот на Србија е протоколарна и се сведува на тоа да ја претставува државата во земјата и во светот. Кој ќе биде новиот претседател на Србија и дали ќе има втор круг на избори може да биде познато уште во недела навечер.
Републичката изборна комисија (РИК) со првите податоци ќе излезе за 22 часа, додека останатите организации кои се занимаваат со следењето на изборните резултати, како што се ЦеСИД (CeSID) и Црта (Crta) тоа ќе го сторат еден час порано.