Besar Ademi
11 Јули 2017•Ажурирај: 12 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, кој е во посета на Македонија, по средбата со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, истакна дека на оваа држава ѝ се потреби само реформи, и оти е важно овие реформи да се направат во интерес на државата и на нејзините граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Дипломатот Михаел Рот нагласи дека иднината на Македонија е во Европската Унија (ЕУ) и оти еден период земјата била земја за пример во Европа, но во последните години ја изгуби довербата, којашто, според него, преку реформите дефинитивно може повторно да ја врати.
„Имав впечаток дека политичката клима во Македонија е затруена. Не се појавуваат конкуренти во демократска политичка трка, туку постои омраза и непријателство. Тоа е неприфатливо. Не велам дека ова е македонски феномен, ваква популаризација моментално доживуваме во повеќе земји во југоисточна и јужна Европа“, истакна Рот.
Тој нагласи дека првите чекори на новата Влада на Македонија се на вистински пат, и упати апел да се направи чекор кон опозицијата, со цел таа да се вклучи во спроведувањето на процесите за евроинтеграција.
„Политичките сили во Македонија се подготвени заедно да одат на патот кон Европа. Затоа, мојот повик не е насочен само кон Владата, туку и кон опозицијата, тие да ја прифатат подадената рака од страна на Владата. Сметам дека токму ова е вистинската насока“, пренесе Рот, нагласувајќи дека сега е вистинско време за дијалог во регионот, за подобрување на меѓусоседските односи.
Од друга страна, министерот Димитров истакна дека дипломатот Михаел Рот има значајна улога и помогнал во надминувањето на политичката криза во Македонија. Тој додаде дека Македонија во иднина ќе има потреба од поддршка за нејзините аспирации од страна на пријателските и партнерските земји во ЕУ.
„Во Македонија негувањето на едно искрено пријателство е вредност и народна мудрост додека во нашите меѓународни односи ова ќе претставува приоритет “ рече Димитров, и додаде: „Нашата желба е да градиме мостови, да правиме пријатели, да решаваме проблеми и да отвораме врати. Со отворен и искрен дијалог со соседите без предрасуди и скриени агенди.“
Димитров беше запрашан и за договорот за добрососедство со Бугарија, прашање за коешто според него, сѐ уште е рано да бидат дадени информации за деталите, поради можното влијание на консултациите меѓу делегациите на двете земји.
Германскиот дипломат кој од вчера е во посета на Македонија, се состана и со вицепремиерот на Владата одговорен за европски прашања, Бујар Османи, а пак вчера одржа средба со македонскиот премиер Зоран Заев.