Admir Fazlagic
29 Април 2020•Ажурирај: 30 Април 2020
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека се регистрирани 38 оздравени пациенти од коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на оздравени пациенти од овој вирус се искачи на 627, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство во дневниот извештај информира дека 2 лица починале од коронавирусот Ковид-19, со што вкупната бројка на починати лица од овој вирус во земјата се зголеми на 73.
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на 50 години, хоспитализиран на 6 април, а пациентот 17 дена бил на механичка вентилација. На Клиниката за онкологија почина пациент на 51 година од Прилеп, чиј позитивен резултат на Ковид-19 пристигнал вчера“, се вели во соопштението на ресорното Министерство.
Во изминатите 24 часа потврден е 21 нов случај на Ковид-19.
„Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува 1442, бројката на оздравени пациенти е 627, на починати е 73, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 742“, соопшти Министерството.
Според соопштението од Министерството за здравство, во изминатото деноноќие се направени 279 теста на Ковид-19, а досега во земјата се извршени вкупно 16.050 тестирања.
Инаку, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, Владата на Северна Македонија донесе одлука, за празникот 1 Мај, односно петок, сабота и недела, ограничувањето на движењето да почнува во 14:00 часот. Според соопштението од Владата, на 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 5:00 часот наутро до 14:00 часот.
Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14:00 часот и ќе трае до 5:00 часот наутро следниот ден.