Husamedin Gina
15 Јуни 2020•Ажурирај: 16 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) - Во Република Северна Македонија во последните 24 часа се регистрирани 103 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на регистрирани случаи во земјата со овој вирус се зголеми на 4.157, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство соопшти дека во последните 24 часа се потврдени 5 смртни случаи, со што вкупната бројка на смртни случаи како последица на Ковид-19 се искачи на 193.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 13 оздравени пациенти, а вкупната бројка на оздравени пациенти од почетокот на епидемијата во земјата порасна на 1.723.
Според податоците од Министерството за здравство, во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.241.
Министерството за здравство информира и дека во последните 24 часа се направени 841 тестирањe за Ковид-19, а досега во земјата се реализирани вкупно 43.881 тестирањe за овој вирус.
Потсетуваме, Владата на Република Северна Македонија донесе заклучок да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја, наместо повторно воведување полициски час, што беше предложено од Комисијата за заразни болести.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во обраќањето до јавноста пред неколку дена соопшти дека нема потреба за продолжување на вонредната состојба, која заврши на 13 јуни. Вонредната состојба во земјата за првпат беше воведена на 18 март во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот.