Islam Uddin
15 Јуни 2020•Ажурирај: 16 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Кина во карантин стави 11 резиденцијални делови на Пекинг, по новиот бран на коронавирусот во главниот град на земјата, објавија денес државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Властите веќе го затворија пазарот „Шинфади“, пазар на големо што се наоѓа во јужниот дел на градот, на кој се продава морска храна, овошје и зеленчук, за кој се верува дека е извор на новиот бран на вирусот во градот.
Според „Глобал тајмс“, властите затвориле и три училишта и шест градинки, откако во четвртокот и петокот беа пријавени нови случаи на коронавирусот.
„Дистриктот Фенгтаи, во јужниот дел на Пекинг, прогласи состојба на управување во воени услови. Дистриктот има намера да ги тестира сите 46.000 жители кои живеат во околината на пазарот Шинфади“, изјави Џанг Џие, заменикот на челникот на дистриктот Фенгтаи.
По скринингот, за оние за кои ќе се утврди дека се изложени на ризик од вирусот, ќе бидат тестирани додека се во домашен карантин. Властите исто така ќе ги следат и луѓето кои неодамна го посетиле пазарот.
Денес, континентална Кина објави 49 нови случаи на вурусот за 24 часа, од кои 36 во Пекинг, со што вкупниот број потврдени случаи во главниот град од четвртокот се искачи на 79.
Локален претставник изјави дека резиденцијалните заедници во подокрузите во Пекинг продолжуваат со применување на мерката за мерење на телесната температура, мерка за епидемиолошка контрола и превенција, што беше укината на 6 јуни кога Пекинг ги ублажи своите мерки во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Најновите случаи на вирусот во Пекинг предизвикаа стравување од втор бран на Ковид-19.
Во Кина досега се регистрирани 83.181 случај на вирусот и 4.634 смртни случаи, додека 78.370 пациенти успешно се излекувани.