СКОПЈЕ
На втората сесија на конференцијата „По Охрид“, свое видеообраќање имаше и поранешниот висок претставник на ЕУ, Хавиер Солана, кој истакна дека Северна Македонија имаше многу тешкотии во своето патување, од кои една е со името, кое е решено, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Северна Македонија денеска во Скопје организира конференција „По Охрид“, по повод 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.
На втората сесија, која ја водеше министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шеќеринска, свое видеообраќање имаше поранешниот висок претставник на ЕУ, Хавиер Солана.
Истакнувајќи дека му претставува задоволство што има можност да учествува на прославата на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Солана рече дека Договорот има големо значење за Северна Македонија.
„Знам дека имавте многу тешкотии на вашето патешествие. Имавте тешкотии во врска со вашето име, коешто беше разрешено. Имавте проблеми со вашиот јазик, прашање кое, исто е разрешено“, рече Солана, додавајќи дека е сигурен дека многу скоро Северна Македонија ќе има можност да започне формални преговори со Европската Унија.
Истакнувајќи дека секогаш ќе остане да биде многу добар пријател на Северна Македонија, Солана рече „Доколку нешто ви треба од пријател, контактирајте ме без двоумење.“
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, кој исто така на конференцијата „По Охрид“ учествуваше преку видеоконференција, рече дека пред 20 години Северна Македонија, заедно со поддршката од Европската Унија и меѓународните посредници храбро избра компромис и одговорност.
„На нашиот континент, национализмот и етничките судири пречесто се користат за да се прават поделби и да се сее омраза. Меѓутоа, плурализмот е богатство и сила. Како што знаете, мотото на Европската Унија е „Обединети во различностите““, рече Борел.
Тој, меѓу другото, рече дека преку Охридскиот рамковен договор се одбележува лидерството на оваа земја која избра мир, како најдобар начин за справување со различностите, како и водење на дијалог.
На конференцијата „По Охрид“ своја видеопорака имаше и Едвард Прајс, портпаролот на Стејт департментот.
Истакнувајќи дека САД се гордеат што заедно со Северна Македонија ја прославуваат 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, портпаролот Едвард Прајс рече дека Договорот одигра суштинска улога во воспоставувањето на Северна Македонија како мултиетнична демократија и спречување на поголем конфликт.
„Ги поздравуваме постигнувањата и напредокот остварен од земјата во изминатите години кои ја позиционираа [Северна] Македонија многу добро во регионот. Вашиот напредок, како што беше демонстрирано преку Преспанскиот договор, покажа дека дипломатијата е возможна и носи плодови“, нагласи Прајс.
Прајс изрази и надеж дека наскоро ќе биде прославено и членството на Северна Македонија во Европската Унија.
- Охридски рамковен договор
Меѓуетничкиот конфликт избувна на почетокот на 2001 година меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на тогашна Република Македонија поради незадоволството на Албанците, кои бараа поголема застапеност во државните институции и унапредување на нивните права во земјата.
За време на конфликтот, кој траеше неколку месеци, преговорите меѓу страните започнаа во главниот град Скопје, за да продолжат во Охрид, каде што Договорот е парафиран. Преговорите траеја два месеци и беа успешно завршени на 13 август истата година со потпишување на Рамковниот договор во Претседателската резиденција во Скопје.
Во потпишувањето на Договорот учествуваа лидерите на најголемите политички партии во земјата и специјалните претставници на Европската Унија и САД.
Договорот доведе до унапредување главно на правата на Албанците, но и на другите малцински заедници во земјата, поточно на турската, бошњачката, српската, влашката и ромската заедница. Со текот на годините, во рамките на имплементацијата на Рамковниот договор, донесени се над 130 амандмани и законски решенија, од кои повеќето се закони за недискриминација и правична застапеност, додека некои од нив се од областа на идентитетот, културата, образованието и децентрализацијата на власта.
Дваесет години по потпишувањето на Охридскиот договор, мислењата на експертите и пошироката јавност за Договорот се поделени. За некои, тој придонесе за изградба на мултиетничка Северна Македонија, ги гарантира и промовира правата на помалите етнички заедници, додека други сметаат дека останува уште многу да се направи.
Ахмети беше политички водач на Ослободителната народна армија и по потпишувањето на Договорот од 2001 година ја основа политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ). Оттогаш, оваа политичка партија игра клучна улога за правата на Албанците во Северна Македонија.