СКОПЈЕ
Техничкиот премиер на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, одржа своја завршна прес-конференција на која говореше за постигнатите резултати на Владата во изминативе речиси 9 месеци откако тој ја предводи Владата, пренесува Агнеција Анадолија (АА).
Во обраќањето до јавноста, Спасовски рече дека јавното здравје е заштитено, економијата е одржана, меѓународните перспективи се остварени, спроведени се фер и демократски избори на коишто граѓаните слободно ја изразија волјата.
„Преодната Влада во заминување, во речиси 9-месечниот мандат, успешно одговори на специфичните предизвици пред коишто беше исправена и направи пат за новата политичка Влада, којашто со целосни ингеренции и полн мандат ќе продолжи да ги води граѓаните и државата напред. Во периодот од скоро 9 месеци зад нас, Република Северна Македонија стана членка на НАТО. Добивме одлука за почеток на преговорите со Европската Унија“, рече Спасовски.
Тој истакна дека ги оправдале очекувањата на меѓународните партнери, со што станаа можни овие, како што рече, историски важни настани за Северна Македонија, членството во НАТО и одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.
„Тоа е направено преку силната посветеност со којашто внимателно и инклузивно работевме на политички план, во услови кога таквата посветеност беше неопходна на здравствен и економски план, поради светската здравствено-економска криза. И ги заштитивме граѓаните и државата од најтешките сценарија“, подвлече Спасовски.
Во контекст на справувањето со кризата предизвикана од пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), техничкиот премиер рече дека секој нов ден сè уште е нов предизвик да се заштити јавното здравје, но почетоците на пандемијата побараа храбри, брзи и ефикасни одлуки, со коишто успеале да обезбедат функционалност на здравствениот систем и ја вратиле довербата во институциите на државата.
„Преку трите сета економски мерки, за засегнатите групи граѓани и млади и за погодените сектори: туризмот и угостителството, поделени се домашни платежни картички за купување македонски производи и ваучери за домашен туризам. За бизнисите овозможени се бескаматни кредитни линии“, изјави техничкиот премиер.
Тој информира дека се подготвува четвртиот сет мерки со којшто ќе биде проширен опфатот на граѓани и бизниси коишто ќе добијат финансиска поддршка од државата.
Спасовски им се заблагодари на државите од регионот за соработката во размената на информации за да се вратат дома државјаните на Северна Македонија во време на пандемијата.
„Да се заблагодарам на сите држави од соседството, со коишто заедно работевме во справувањето со пандемијата и посебно да се заблагодарам на владите од опкружувањето, на Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција, со коишто на дневна основа соработувавме и разменувавме информации и коишто ни помогнаа да ги вратиме сите наши државјани од странство, во нашата држава“, истакна Спасовски.
Исто така, тој се осврна и на внатрешната политика и спроведените предвремени парламентарни избори на 15 јули оваа година во време на Ковид-19, кои поради мерките за спречување на ширењето на вирусот се одржаа со посебни протоколи.
„Во услови на здравствена криза од светски размери, организиравме фер и демократски избори. Ја продолживме тригодишната пракса на организирање и спроведување избори во фер и демократска атмосфера, во којашто граѓаните слободно го направија својот избор и ја дадоа поддршката за прогресивната опција којашто во изминатите три години затвори тешки прашања, што три децении се чинеа непремостливи“, потенцира Спасовски.
Потсетуваме, Собранието на Република Северна Македонија на 3 јануари оваа година ја избра техничката Влада, која имаше задача да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април, кои поради состојбата со Ковид-19 се одложија за 15 јули. За премиер на техничката Влада беше избран Оливер Спасовски.
По одржаните избори на 15 јули, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев, како лидер на коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, која освои најголем број гласови на изборите, од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски, е определен за мандатар за новата Влада.
Според информациите од Собранието на Северна Македонија, седницата за изборот на новата Влада во Собранието ќе се одржи в сабота на 29 август.
news_share_descriptionsubscription_contact
