Bojana Stojanovic
27 Август 2020•Ажурирај: 28 Август 2020
БЕЛГРАД
Претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека тоа што Белград се придружил на Декларацијата на Европската Унија (ЕУ) е нешто што е потребно да го направи Србија во рамките на синхронизацијата на надворешната политика со политиката на ЕУ, но дека Србија не би смеела да го заборави пријателскиот однос со претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што рече Брнабиќ, таа нема да ја смени политиката кон Белорусија и потсети дека Лукашенко е единствениот државник кој ја посети Србија за време на бомбардирањето од НАТО.
„Тоа Србија не смее да го заборави. Имаме многу добри односи со Белорусија, а тоа што се придруживме на Декларацијата не значи дека нашите односи засновани на пријателство се менуваат“, рече Брнабиќ.
Таа изрази надеж дека Лукашенко ќе разбере зошто Србија ја потпишала Декларацијата.
Европската Унија на 11 август ја усвои Декларацијата за претседателските избори во Белорусија во која е наведено дека изборите не беа ниту слободни, ниту фер.