Andelija Stojkovic
23 Ноември 2022•Ажурирај: 24 Ноември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград истакнаа дека двете земји се пријателски и дека се поддржуваат една со друга за прашањето на територијалниот интегритет, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Србија и Азербејџан се поддржуваат една со друга на меѓународната арена. Секогаш сме го поддржувале територијалниот интегритет на Србија и таа позиција нема да се промени ни во иднина“, порача Алиев на прес-конференцијата по состанокот со Вучиќ.
Алиев истакна дека добрите односи на двајцата претседатели се главниот фактор за развој на односите, дека двете земји се суштински стратешки партнери и дека затоа потпишувањето на изјавата за основање на Советот за стратешко партнерство е важен чекор. Тој истакна дека Азербејџан има богати ресурси на гас.
„Нашата улога ќе расте и ние ќе соработуваме на прво место со пријателските земји, не само кога е во прашање енергетиката“, порача Алиев.
Азербејџанскиот претседател додаде дека со Србија се водат разговори и во воено-техничката сфера. Како што рече, претставниците на двете земји мора почесто да се среќаваат и најави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе го посети Баку до крајот на годината, а дека тој уште еднаш ќе дојде во посета на Белград.
Алиев говореше и за меѓународното право и укажа дека на меѓународните форуми се усвојуваат бројни документи, бројни декларации во кои се бара повлекување на ерменските трупи од окупираните делови на Азербејџан, но дека проблемот никогаш не е решен.
„Тоа покажува дека одлуките и резолуциите што ги носат меѓународните организации се селективни. Некогаш резолуциите се усвојуваат за еден ден, за неколку часа, а ние за примена треба да чекаме 27 години“, рече Алиев.
Додаде дека со оглед на тоа што ништо не се случува врз основа на декларациите дадени во меѓународните организации, Азербејџан го користи своето право од Повелбата на Обединетите нации - правото на самоодбрана.
„Ние со сила го поддржуваме нашиот територијален интегритет и ги обновуваме објектите на ослободените територии. Го градиме тоа од пепел“, рече Алиев.
Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека денес „малку е останато од меѓународното право“. Тој оцени дека со потпишувањето на изјавата за формирање на Совет за стратешко партнерство почнува ново ниво во односите меѓу двете земји.
Вучиќ истакна дека разговарале за соработка во областа на енергетиката, бидејќи Азербејџан е гасна сила и дека Србија гледа како да се приклучи на кабелот за трансмисија на електричната енергија што ќе оди до Европа, за да ја осигура својата енергетска безбедност.
Тој додаде дека Алиев стана многу популарен во Европа.
„За него обично немаа време, сега го имаат сето време. Малку сум љубоморен, мене ме бараат само околу Косово, само кога некој треба да ме удри по глава, а него го викаат затоа што го сакаат. Тој не се смени, тој само си ја чуваше својата земја, а други нека размислат дали можеби тие се сменети“, рече Вучиќ.
Додаде дека се надева дека раководството на Србија ќе ја чува својата земја барем половина успешно колку што Алиев го чува Азербејџан.