Admir Fazlagic
20 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Во писмото што до претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, пристигна денеска, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пишува дека земјите членки на Северноатлантскиот договор ја известиле Владата на Соединетите Американски Држави дека тие го прифатиле и ратификувале Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, потпишан на 6 февруари 2019 година во Брисел, и дека следствено на тоа, Протоколот стапил во сила, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во име на сите земји членки, чест ми е да Ве известам и да Ви ја упатам поканата да се придружите на Северноатлантскиот договор“, пишува во писмото генералниот секретар Столтенберг, кое го објави Владата на Северна Македонија.
Во владиното соопштение се наведува дека согласно членот 10 од Северноатлантскиот договор, Република Северна Македонија станува полноправна членка на НАТО со денот на депонирањето на пристапниот инструмент во Владата на Соединетите Американски Држави.
„Дозволете ми да ја искористам оваа пригода и да го изразам моето задоволство, како и задоволството на сите земји членки на НАТО, во однос на претстојното пристапување на Северна Македонија во Алијансата“, пишува генералниот секретар Јен Столтенберг во писмото кое денеска е упатено до претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.
Потсетуваме, Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари оваа година на свечена седница го ратификуваше Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Северна Македонија на 12 јули 2018 година на Самитот на НАТО во Брисел доби повик да стане членка на Алијансата. Потоа, Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО е потпишан во седиштето на НАТО во Брисел во февруари минатата година. Оттогаш почна процесот на ратификација на овој Протокол во парламентите на земјите членки на Алијансата, а беше финализиран на 17 март со ратификацијата на Шпанија.