Dzihat Aliju
19 Ноември 2025•Ажурирај: 20 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) – Основниот кривичен суд во Скопјe денес на почетокот на судењето за мартовската трагедија во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, одлучи постапката да се спои со постапката против сопственикот на „Рубикон“, агенцијата што ја обезбедувала дискотеката, пренесува Анадолу.
Денес, под безбедносни мерки, во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, официјално започна судењето за случајот со трагичниот пожар што предизвика 63 жртви и околу 200 повредени.
Судењето започна во присуство на обвинетите, семејствата на 63-те жртви, претставници на обвинителството, одбраната и новинари.
Меѓу обвинетите се сопственици на локали, менаџери, инспектори, поранешни министри, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.
Во случајот се опфатени 38 обвинети, 35 физички лица и три правни лица што се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност.
Според обвинението, Александар Нацев, сопственик и управител на „Рубикон секјурити солушн“, се товари за тешки дела против општата сигурност, поради сериозни пропусти во организацијата и спроведувањето на мерките за заштита во објектот.
Обвинителството тврди дека во периодот од септември 2022 година до денот на пожарот, тој ја водел агенцијата без почитување на законските обврски и без обезбедување контрола, надзор или основни безбедносни услови во клубот, дозволувајќи влез на малолетници, без документи, без проверки на идентитетот и без план за безбедност за настан со голем број посетители.
Истрагата утврдила дека службениците за обезбедување не извршиле проверка на посетителите, не спречувајќи внесување пиротехнички средства - директна причина за пожарот. По настанот, Нацев отворил нова агенција за обезбедување во Струмица, што обвинителството го смета за обид да ја продолжи дејноста, формално затскривајќи се зад друго одговорно лице.
- Обвинителството: Трагедијата, последица на долготрајна и институционална неодговорност
Во воведниот збор, обвинителот Борче Јанев нагласи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на серија институционални пропусти и неодговорност.
Тој рече дека ноќниот клуб „Пулс“ бил смртоносна стапица од самиот почеток, со целосен недостаток на технички услови и долгорочна неодговорност од страна на институциите.
Обвинителот Јанев истакна дека доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од обвинетите не сакал да ја погледне и види, меѓутоа требало, морале и биле должни да ја видат и спречат.
Претходно, одбраната побара одлагање на постапката поради спојување на предметите и поднесување на единствен интегриран обвинителен акт, нагласувајќи дека им е потребно време да се запознаат со редуцираната листа на докази и приговараа на уредноста на доказниот материјал, барајќи тој да биде доставен во идентична хартиена и електронска форма.
Судот донесе одлука да го прифати предлогот на обвинителството за изведување на интегриран обвинителен акт и листа на докази, согласно со решението за спојување на постапките.
Пред почетокот на рочиштето, судијката Дијана Груевска-Илиевска изјави дека не може да се очекува брза судска постапка, бидејќи, според неа, секое брзање може да доведе до грешка и до пропаѓање на процесот.
„Сѐ што може овој совет ќе направи за оваа постапка да тече. Колку ќе трае процесот, никој не знае“, рече Груевска-Илиевска.
Инаку, во раните утрински часови на 16 март, во ноќен клуб во градот Кочани избувна пожар како резултат на пиротехнички средства за време на вечерна забава, при што загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Истрагите по инцидентот открија дека објектот работел со лажна лиценца и со години без да ги исполнува потребните стандарди.