Zylfije Adem Jakupi
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека најавата за заемно признавање на државноста меѓу Косово и Израел, што се случила во Вашингтон преку договорот за економска нормализација, под никаков услов нема да влијае на партнерството со Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тачи на прес-конференцијата на која зборуваше за договорот за нормализација на економските односи меѓу Косово и Србија, постигнат на 4 септември, изјави дека ја примил загриженоста од страна на Арапската лига и Турција по прашањето за заемно признавање на Косово и Израел и нагласи дека за тоа разговарал телефонски со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
„Примивме загриженост од Арапската лига, но и од претседателот Ердоган во врска со заемното признавање на Израел и Косово. Во контакт сум со претседателот Ердоган, разговаравме телефонски и ова признавање на ниту еден начин нема да влијае на стратешкото и пријателско братско партнерство со Турција. Значи, сега ќе имаме уште поголеми и посилни сојузници на полето за глобално зајакнување на државата Косово“, изјави Тачи.
Зборувајќи за договорот за економска нормализација меѓу Косово и Србија, што е потпишан во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, претседателот Тачи изрази благодарност до САД, за кои рече дека го поддржале Косово во чекорите за слобода, градење држава и евроатлантски интеграции. Тачи изјави дека се чувствува горд и среќен што по повеќе од две години напори со администрацијата на претседателот Трамп и залагање на пратеникот Ричард Гренел, тие напори се формализирани.
„Ова беше најсериозен дипломатски зафат на САД во овие две децении за Западен Балкан. За време на овој не така лесен процес, всушност многу тежок, наидовме на многу потешкотии, обвинувања, препреки, голем број на завери. Со формализацијата на договорот сето ова се покажа лажно, нестабилно и со предрасуди“, изјави Тачи, критикувајќи ги така гласините кои претходно сметаа дека овој договор е штетен за Косово.
Косовскиот претседател изјави дека е најважно тоа што американското раководство се вратило во процесот на дијалог меѓу Косово и Србија, додека за своето отсуство на потпишувањето на овој договор рече дека е помалку важно од духот и суштината на договорот. Истовремено нагласи дека бил во контакт со Белата куќа пред и по постигнувањето на договорот.
Тој додаде дека економскиот развој, зголемувањето на работни места, инфраструктурните проекти со големи вложувања, секогаш биле приоритет на Косово, како и расветлувањето на судбината на исчезнатите лица, а сето тоа е дел од договорот од Вашингтон.
Косовската делегација предводена од премиерот Авдулах Хоти и српската делегација предводена од претседателот Александар Вучиќ на 4 септември во Белата куќа потпишаа договор за нормализација на економските односи, а кој се смета за историски. Двајцата лидери денес ги продолжија средбите, но овој пат во Брисел.