Alma Dekovic
21 Мај 2023•Ажурирај: 22 Мај 2023
ЗАГРЕБ (АА) - Во холандскиот мал авион што во саботата падна во Мала Камела во Хрватска, загинаа сите патници, најверојатно тројца, колку што биле според планот на летот, информираа локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Смртта на патниците денес е потврдена на местото каде што паднал авионот „Cirrus SR20“, на кое истрага спроведува карловачката полиција и главниот истражувач.
Главниот инспектор Данко Петрин од местото на несреќата за новинската агенција „Хина“ изјави дека сите патници од холандскиот авион загинале и дека леталото освен механички оштетувања, дополнително е уништено и од настанатиот пожар.
Петрин потврди и дека станува збор за холандски авион во кој според планот на летот, имало тројца патници од Холандија.
Државното правобранителство на Република Хрватска денес извести дека во шумскиот предел на Мала Капела, на подрачјето на градот Огулина, во тек е истрага и утврдување на сите околности во врска со падот на авионот „Cirrus SR20“.
„Сите патници загинале, во авионот избувнал пожар“, се вели во соопштението.
Авионот од типот „Cirrus SR20“ исчезна вчера во 12:30 часот од радарите додека летал од Марибор кон Пула.
Надлежните служби со часови не можеа да го лоцираат авионот, па во потрагата беа вклучени и припадниците на Хрватската планинска служба за спасување (ХПСС), полицијата и Државната интервентна единица.
Авионот вчера во вечерните часови го пронашле спасувачите на теренот, откако е започната акција во која учествувале 120 лица.