Alma Dekovic
16 Јануари 2023•Ажурирај: 16 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Со силна Туркије и Западен Балкан е побезбеден и посилен, изјави денес во Анкара министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, Турковиќ рече дека Босна и Херцеговина е мала земја на храбри луѓе која има несебична пријателска и партнерска поддршка од турскиот народ и претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Благодарни сме за вложувањето големи напори за напредок и стабилност на Балканот. Континуираното јакнење на Туркије, нејзината глобална и геополитичка улога, како и нејзиниот економски, технолошки и секој напредок нас во БиХ нè радува. Со силна Туркије и Западен Балкан е побезбеден и посилен. Без силна Туркије, прашање е што би било, сигурно ни Западен Балкан не би бил мирен“, изјави Турковиќ.
Во тој контекст, посебно значење му придаде на Дипломатскиот форум во Анталија, кој, како што рече, ги обединил различните интереси на земјите од Западен Балкан, придонесувајќи на тој начин за безбедноста на целиот регион.
„Историјата ги поврзува нашите две земји, а верувам дека делиме заедничка иднина во Европската Унија и НАТО-сојузот. Како што знаете, БиХ неодамна доби статус на кандидат за членство во ЕУ, за нас тоа е важен чекор во насоката по која сакаме да одиме. Секако, свесни сме дека тоа нема да биде лесно“, рече Турковиќ.
Истакна дека Туркије има важна и конструктивна улога на Западен Балкан кога станува збор за инвестициите и потсети дека во 2021 година Туркије била втор најголем инвеститор во БиХ.
„Секако, треба да ја зајакнеме економската соработка и тука гледаме силна волја од турска страна. Нашите две земји немаат отворени прашања, имаме многу значајни односи. Туркије оваа година, на 29 октомври, ја одбележува 100-годишнината од Републиката. Однапред ја честитаме оваа значајна годишнина и посакуваме голем успех во иднина, сакаме цврста и единствена Туркије под водство на претседателот Ердоган“, порача Турковиќ.
Таа на крајот се осврна и на геополитичките промени во светот, особено во Европа, кои, како што рече, влијаат на состојбите во Босна и Херцеговина.
„БиХ е на една пресвртна точка, без формирање стабилна и широка пробосанска коалиција и продолжување на реформите. Значи, сето ова укажува дека влегуваме во многу неизвесен политички период“, рече Турковиќ.