СКОПЈЕ (АА) - Министерот за култура и туризам на Република Туркије, Мехмет Нури Ерсој, во Скопје свечено ја отвори џамијата „Султан Мурат“, која беше реставрирана од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), јавува Анадолу.
Министерот Ерсој во рамките на неговата посета на Скопје, ја посети Султанмуратовата џамија, која беше реставрирана од ТИКА.
Говорејќи на свеченото отворање одржано пред петочната молитва, Ерсој ги пренесе поздравите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и турската нација до целиот народ на Северна Македонија.
Изразувајќи дека со векови делат заедничка историја и поради испреплетените култури овие земји отсекогаш имаат посебно место, Ерсој истакна дека никогаш не можат да ги игнорираат вековните искуства и културни вредности што ги негувале заедно.

„Напротив, ние секогаш се стремиме да се грижиме и одржуваме во живот“, рече Ерсој и продолжи со зборовите:
„Денес овде не ја отвораме само 587-годишната џамија Султан Мурат. Тукашните артефакти се исто така симбол на културата и братството на длабоко вкоренето единство на нашите народи и се надеваме дека во наредните векови, повторно ќе живееме заедно и ќе стоиме рамо до рамо. Тоа е многу, многу важно за зачувување и зајакнување на ова братство. Овие мои изјави не се само зборови. Напротив, зад секој збор стои реалноста на Република Туркије со нејзините досегашни спроведени активности и дела.“
Потсетувајќи дека само ТИКА имплементирала повеќе од 1.000 проекти во Северна Македонија во многу различни области, од образование до здравство, од земјоделство до стручна обука и во зголемувањето на институционалните капацитети на земјата, Ерсој го рече следното: „Работите и резултатите од оваа соработка можеме да ги видиме во секој агол на Северна Македонија, од Скопје до Гостивар, од Дојран до Струмица, од Радовиш до Охрид, од Тетово до Конче.“

Ерсој истакна дека нема потреба овие активности да се дефинираат со бирократски, политички и официјални линии, и дека е направено сето она што е потребно за братството, чии темели се засновани на заедничката историја, и додаде дека ќе продолжат да го прават тоа и во иднина.
Нагласувајќи дека извршиле реставрација на 24 споменици на културата во Северна Македонија, Ерсој рече:
„Ишакије џамијата во Битола, Мустафа Кебир Челеби џамијата во Струга, хамамите во Тетово и Охрид се само неколку од нив. Изградбата на главната куќа на Али Риза Ефенди, таткото на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Турската Република, како музеј во селото Коџаџик во Северна Македонија и реновирањето и опремувањето на Воената гимназија во Битола, во која Ататурк се образувал, се дел од нашите значајни културни проекти. Денес, скопската Султанмуратова џамија и гробниците на Бејхан Султан и Али-паша од Дагестан во рамките на комплексот, како и Саат-кулата, кои се клучни за ова прекрасно наше заедништво, исто така, се обновени по сеопфатна реставрација. Отворањето за молитви на едно ваквото наследство од нашите предци, засновано на 6-вековна историја, која проникнува од секој негов камен, нè прави среќни и ни дава мир што се раѓа од можноста за оддолжувањето кон овие простори.“

Министерот Ерсој ги опиша овие објекти не само како историски артефакти, туку и како сеќавање на луѓето кои живееле и живеат на овие простори.
Ерсој изрази благодарност до државата и народот на Северна Македонија за укажаната поддршка по земјотресите што ги потресоа јужните делови на Туркије.
Кадир Динч, потпретседател на Управата за верски прашања на Туркије, ги пренесе поздравите на претседателот за верски прашања, Али Ербаш, кој не бил во можност да присуствува на отворањето на џамијата.

„Драги мои браќа, најсрдечно ве поздравувам и ја изразувам мојата среќа што сум тука со вас, во пријателската и братска земја Северна Македонија, по повод отворањето на џамијата Султан Мурат, која на Скопје му ја довери султанот Мурат II во знак на нашето братство, чии корени датираат со векови наназад како припадници на иста вера, иста религија, заедничка историја и култура, а која ТИКА најадекватно ја реставрираше“, рече Динч.
Поглаварот на Исламската верска заедница на Северна Македонија, Шакир Фетаху, им се заблагодари на претставниците на ТИКА кои ја извршија реставрацијата и изрази задоволство што за време на Рамазан и во петок, присуствува на отворањето на оваа џамија, која е една од џамиите симболи на отоманскиот златен период.

Посочувајќи дека џамијата „Султан Мурат“ е централна џамија, Фетаху рече дека таа има многу големо значење.
„Денес, благодарение на ТИКА, таа повторно стана убавина, не само за Северна Македонија, туку и за целиот Балкан. Институциите на Република Туркије и нивната неуморна работа, ја вратија фасцинантната убавина на оваа историска џамија, која и во иднина ќе ги пренесува зборовите Божји до срцата и душите на верниците и на луѓето воопшто“, рече Фетаху.
Упатувајќи ја својата најискрена благодарност до претседателот Ердоган, Фетаху рече: „(Ердоган) Многу се грижи за подигнување на свеста на муслиманите низ светот, особено во нашата земја, на Балканот и пошироко. Нека Бог му помага во неговиот живот.“
Фетаху посака Алах да им подари рај на оние кои ги загубија животите во земјотресите што ја потресоа Туркије и трпение на нивните роднини.
По обраќањето на говорниците, Мустафа Бодур, советник за верски прашања при турската Амбасада во Скопје, ја изврши молитвата за отворање на џамијата, а потоа присутните ја извршија петочната молитва.
news_share_descriptionsubscription_contact
