Alma Çekovic
03 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
САРАЕВО (АА) - Давид Петигру, професор по филозофија на aмериканскиот државен универзитет "Southern Connecticut" по повод 11 јули - 22-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, изјави дека Сребреница не смее да се заборави, првенствено поради аспектите на вистината кои уште не се познати или ценети, и поради преживеаните кои тоа нема да можат да го заборават, јавува Anadolu Agency (AA).
"Како што се ближи 11 јули, лице во лице со негирање и цензура, како и психолошкото заплашување на преживеаните, не можеме и не смееме да заборавиме на Сребреница, бидејќи на неа поради негирањето се уште не се сеќаваме доволно. Геноцидот во Сребреница е постојано негиран од страна на неговите извршители и од Република Српска. Неодамна, претседателот Милорад Додик изјави дека никогаш нема да биде дозволена употребата на учебници кои зборуваат за геноцидот во Сребреница и опсадата на Сараево", рече Петигру на седницата на Здружението на независни интелектуалци Круг 99.
Тој потсети на изјавата на началникот на Сребреница, Младен Груичиќ, дека вистината за Сребреница не е докажана, што според Петигру, ги одбива пресудите на меѓународните судови во врска со геноцидот во Сребреница.
"Тој претпоставува дека Радован Караџиќ е херој и зборува во прилог на отцепување на Република Српска од БиХ. Вториот вид на негирање на геноцидот во Република Српска ја вклучува глорификацијата на сторителите", рече Петигру.
Според него, геноцидот во Сребреница не смее да се заборави, бидејќи постојат многу аспекти на вистината кои се уште не се целосно познати или ценети.
"На пример, книгата на Хасан Нухановиќ 'Бегство', не остава сомнеж дека Србите се обидувале да ги истребат Бошњаците во сребреничката енклава со бомбардирањето и одземањето на храната, а како дел од стратешката иницијатива Подриње етнички да се хомогенизирана. Хасан ова го толкува како прва фаза на геноцид, кој во јули 1995 година ја достигна својата кулминација", рече американскиот професор.
На крајот тој истакна дека геноцидот во Сребреница не може да се заборави поради преживеаните.
"Не можеме и не смееме да заборавиме на Сребреница, бидејќи треба да ги поддржиме преживеаните лица кои тоа нема да можат да го заборават. Сеќавањето на преживеаните е такво што може да се остави настрана кога тоа некој ќе го посака. Ако тоа се случи, сеќавањето секогаш ќе ги поседува нив", рече Петигру.
Тој додаде дека преживеаните мора да бидат заштитени од понатамошна тортура предизвикана од постојаното напаѓање и психичкото заплашување.
"Нашата одговорност е да ги запаметиме и да ги раскажеме сите приказни на оние кои веќе не можат да зборуваат сами за себе", вели професорот по филозофија и студиите на холокаустот на Државниот универзитет "Southern Connecticut".
Петигру, кој предава и пишува за геноцидот во Сребреница, во текот на минатата година, одржа предавање во Чикаго, Прага, Сараево и во Стокхолм, а неговиот авторски есеј "Сузбивање на културната меморија: забранети споменици и продолжување на геноцидот", беше објавен на англиски и на босански јазик.
Хасан Нухановиќ, автор на книгата "Под знамето на ОН" и "Бегство", кој исто така беше еден од говорниците на сесијата на Круг 99, истакна дека негирањето на геноцидот во Сребреница трае веќе 22 години и дека должноста на преживеаните е да ја повторуваат вистината.
"Нашата работа е да ја потвторуваме вистината. Тие ја повторуваат лагата, ние ја повторуваме вистината, тоа е наша обврска, должност. Друг избор немаме", изјави Нухановиќ.