Stipe Majic
22 Ноември 2021•Ажурирај: 23 Ноември 2021
ЗАГРЕБ (АА) - Вие сте пред сè хрватска Армија и служите во одбрана на татковината, порача претседателот и врховен заповедник на Вооружените сили на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, на свеченото испраќање на 36. хрватски контингент (HRVCON) во НАТО-операцијата КФОР во Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во подрачјето на операцијата се испратени 130 припадници на Хрватските вооружени сили, меѓу кои и шест жени. На свеченото испраќање во касарната „132. Бригада на хрватската Армија“ во Нашице, претседателот Милановиќ им рече дека тие се хрватски војници кои одат на работа во земја што Хрватска ја признала и која е блиска до нив“, соопшти Кабинетот на претседателот.
„Но, која не ја признаа сите. Деликантно е, но верувам, не и опасно. Некои ќе ве пречекаат таму како најдобри пријатели, други воопшто не“, рече Милановиќ во своето обраќање и додаде:
„Однесувајте се долично, покажете што знаете, што сте научиле. Вие не сте почетници. Верувам дека многумина од вас се во ваква ситуација по којзнае кој пат, а на некои им е прв пат. Помогнете си еден на друг и секогаш размислувајте за тоа, без разлика на членството во НАТО, на тоа дека сме западна демократија, членка на Европската Унија, дел од сојузот на земји кои споделуваат многу заеднички вредности - дека пред сè сте хрватска Армија. И дека оваа армија мора секогаш да го одржува својот интегритет, посебност и свесност, да ѝ служи на татковината пред сè. Нема да дозволиме да бидеме една капка вино во тоа големо буре вода што ќе го изгуби идентитетот, своето јас и свеста за тоа што служиме, а служите во одбраната на хрватската татковина.“
Вооружените сили на Република Хрватска учествуваат во НАТО-операцијата на КФОР во Република Косово од јули 2009 година, со можност за приклучување на 40 членови и два хеликоптери со екипаж и можност за ротација, а моментално во оваа операција се наоѓа 35. хрватски контингент.
„Врз основа на одлуката на хрватскиот Парламент од 27 ноември 2020 година, Република Хрватска го интензивираше своето учество во НАТО-операцијата на КФОР од сегашните 40 на 150 членови, а како дел од 35-от хрватски контингент со веќе постоечките сили е испратена пешадиска чета, со што Република Хрватска продолжува како полноправна членка на НАТО веродостојно и континуирано да придонесува за стабилноста и зачувувањето на мирот на југоисточниот дел на Европа. Примарните задачи на припадниците на Хрватските вооружени сили во НАТО-мисијата КФОР се да спречат продолжување на непријателствата, да изградат безбедносна средина, да ги поддржат меѓународните хуманитарни напори, да обезбедат спроведување на договорите и да го поддржат развојот на косовските безбедносни сили“, се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателот на Хрватска.