Gökhan Ergöçün
17 Ноември 2019•Ажурирај: 19 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - ГОКАН ЕРГОЧУН - Турција има голем потенцијал за конкурентност на светско ниво, особено во секторот за текстил, автомобили и машинскиот сектор, истакна извршниот директор на „Хановер саеми“ - Турција, кој е претставник во Турција на една од најголемите светски саемски компании „Дојче Месе АГ“.
„Со пристап до различни региони, компаниите во Турција имаат значителна разновидност на пазарот“, изјави Александар Кухнел за Агенцијата Анадолија.
„Турција е стратешка економија со широка мрежа за пристап и во однос на индустриското производство, и во однос на надворешно-трговските односи“, вели тој.
Кухнел истакна дека факторите од кои еден е динамиката на младото население во Турција, нудат големи предности за компаниите кои сакаат да инвестираат во Турција.
„Субвенциите и поддршката од јавните администратори кои имаат за цел да ја одржат жива инвестициската клима, ја покажуваат посветеноста на Турција во оваа насока.“
- Моќна економска инфраструктура -
Компанијата смета дека Турција во иднина ќе привлече повеќе странски инвестиции и дека компаниите инвеститори во Турција ќе станат помоќни.
Во однос на економските прашања со кои се соочи Турција минатата година, тој рече: „И покрај тие околности, кои не беа лесни, можам да кажам дека последните две години од турската стратегија за развој ориентирана кон извоз, беа продуктивни и за нашата индустрија, и за „Хановер саеми“ во Турција.“
Тој истакна дека и покрај зголемувањето на бројот на посетители и изложувачи, деловните можности и новите трговски партнерства биле најголемите достигнувања во индустријата.
Во однос на економската структура на земјата, рече дека во текот на речиси четврт век присуство во Турција, неговата компанија постојано била сведок на силната инфраструктура на економијата на земјата и можноста да преземе брзи чекори за борба против глобалната неизвесност.
„Флуктуациите во светската економија создаваат периодични подеми и падови за земјите во развој, вклучувајќи ја и Турција“, рече тој.
„Сепак, турските инвеститори покажаа големa предност бидејќи создадоа долгорочни планови и силна финансиска рамка насочена кон исполнување на потребите од финансирање на реалната економија“, додава Кухнел.
- Инвестициите ќе продолжат -
Нагласувајќи дека компанијата ги консолидира постојните инвестиции, Кухнел истакна дека таа се фокусира на внатрешен развој на бизнисот и создавање нови поставки и теми.
„Одлучни сме во набљудувањето на потребите на индустријата и да продолжиме со нашите инвестиции проследени со решенија приспособени на барањата на нашите клиенти“, потенцира Кухнел.
Тој рече дека организаторот на саеми продолжува со инвестициите во тековните проекти, како и во развојот на нови проекти во Турција, со уверување дека културата на иновативни технологии ќе ѝ помогне на Турција да се искачи дури и повисоко во светската економија во иднина.
Компанијата се надева дека ќе го покаже потенцијалот на Турција пред целиот свет со големи претставувања и изложувања и во 2020 година, како на пример, на саемот за производство „Вин Евроазија“ во март и на автомобилското експо „Автомеханика“ во април.
На саемот „Вин Евроазија“ ќе биде прикажан технолошкиот развој, како што се автоматизацијата, дигитализацијата, интернетот на нештата и аугментираната реалност, сите потребни за процесот на дигитална трансформација на турскиот индустриски сектор.
Компанијата „Дојче Месе“, основана во 1947 година, е една од 10-те најголеми организатори на саеми во светот. Одржува саеми во Турција од 1996 година под називот „Хановер саеми“ - Турција.
Во Турција компанијата има организирано 18 големи трговски саеми, од кои голем дел се најголемите саеми во Евроазискиот Регион, фокусирани на преработувачката индустрија.