Husamedin Gina
20 Ноември 2019•Ажурирај: 21 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Владата на Северна Македонија денеска е промовирана веб-платформата „Отворени финансии“, со која, како што беше најавено, на увид на граѓаните ќе бидат сите поранешни, сегашни и идни финансиски трансакции на буџетските корисници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот за отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска ја промовира новата веб-платформа „Отворени финансии“.
„Денеска е празник на транспарентноста и отчетноста во Република Северна Македонија“, рече премиерот Зоран Заев, додавајќи дека пред очите на јавноста на веб-платформата ќе се стават над 12,5 милиони трансакции и дека тоа ќе биде најголемата мерка за намалувањето на корупцијата.
Премиерот Заев, истакнувајќи дека денеска пред очите на јавноста, на веб-платформата ќе се стават над 12,5 милиони трансакции, рече дека ова ќе биде најголемата мерка за намалувањето на корупцијата.
„Отворањето на трезорот и сите податоци во него е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и на штедењето на парите на граѓаните“, нагласи премиерот Заев, додавајќи дека со ова ниво на транспарентност и отчетност, граѓаните, медиумите и граѓанските организации ќе можат слободно да ги истражуваат уплатите на институциите“, рече премиерот Заев.
Според министерката за финансии, Нина Ангеловска, платформата ќе поттикнува поправедно и поодговорно трошење на буџетските средства, поради стравот од фаќање на нелегална активност.
„Транспарентноста е основна демократска алатка. Таа ја ограничува манифестацијата на моќ, го поттикнува поправедното и поодговорното трошење на буџетските средства на парите на граѓаните поради стравот од фаќање на нелегална активност. Тоа е повратниот ефект на транспарентноста врз намалувањето на корупцијата“, истакна Ангеловска.
Министерот за отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, рече дека порталот „Отворени финансии“ е логичен чекор и од низата што ги презема Владата кога ја иницираше амбициозната програма за политички и демократски реформи за да ја врати довербата на граѓаните во институциите на системот.
„Владата на Република Северна Македонија останува да се раководи од ставот дека отворените податоци може да бидат силен поттик за социјален и економски развој“, рече министерот Поповски.
Отворените финансии ќе се дополнуваат со нови податоци на секои 15 дена.
На веб-порталот ќе може да се најдат уплатите што ги направиле министерствата, самата влада, фондовите, државните агенции и комисии, судовите и други, вкупно 1.105 државни институции на централно ниво.