Mücahithan Avcıoğlu
23 Јануари 2026•Ажурирај: 26 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Цената на златото денес достигна рекордно ниво, поттикнато од постојаната геополитичка и економска неизвесност, која продолжува да ја зголемува побарувачката за таканаречените „безбедни засолништа“ за инвестирање, јавува Анадолу.
Спот-цената на златото порасна за околу 0,4 отсто и достигна 4.954 долари за унца до 07:00 часот по Гринич откако претходно во текот на денот го стигна историскиот максимум од 4.967,48 долари. Во текот на неделата цените забележаа раст од околу 7,8 отсто.
Во изминатите 12 месеци златото порасна за приближно 80 отсто, додека од почетокот на годината бележи раст од околу 15 отсто. Овој тренд е поддржан од зголемените трговски и геополитички тензии, како и од намалувањето на каматните стапки од страна на големите централни банки.
Паралелно со златото, раст е забележан и кај среброто, кое порасна за 3 отсто и достигна 99,38 долари за унца. Цените на среброто се зголемија за повеќе од 225 отсто во изминатата година.
Според пазарните учесници, обновените геополитички тензии се клучен фактор за растот на цените, меѓу кои и дебатите околу Гренланд, по неодамнешните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп. За време на викендот тој се закани со дополнителни царини за земјите што се противат на американската контрола врз оваа територија, како и со распоредување воен персонал.
Дополнително, неизвесноста на пазарите беше зголемена по изјавата на Трамп дадена за новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ доцна синоќа, кога соопшти дека американската морнарица се приближува кон Иран и го предупреди Техеран да не применува насилство врз демонстрантите или да продолжи со нуклеарната програма.
„Не би сакал да се случи нешто“, изјави Трамп.
„Имаме армада. Имаме огромна флота што се движи во таа насока и можеби нема да мора да ја употребиме. Ќе видиме“, додаде тој.