Ivana Ramadanova
26 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Стопанската комора на Македонија денеска се одржа Бизнис-форум и деловни средби со бизнис-делегацијата од Исламска Република Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Форумот кој е во организација на Стопанската комора на Македонија, во соработка со Амбасадата на Исламска Република Иран во Република Македонија и Иранската комора за трговија, индустрии, рударство и земјоделство, има за цел ревитализација на економските врски и интензивирање на меѓусебната соработка меѓу двете земји.
Според претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, постои можност за соработка со Иран во многу области, затоа што, како што рече, ова е една од ретките земји којашто има изедначен баланс на услуги.
„Иран е земја со силни развојни потенцијали и можности, со силна суровинска структура која овозможува забрзан економски развој. Не случајно оваа земја е цел на интересите на сите европски земји“, истакна Азески.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој, исто така, беше учесник на Бизнис-форумот рече дека за Македонија е голем предизвик зголемувањето на соработката во двата правци особено кога и двете страни имаат што да понудат.
Претседателот на иранската комора, Голам Хосеин Шафаи, истакна дека овој форум е можност за позитивни ефекти за идентификување на деловните можности за соработка и за подобрување на нивото на економскиот однос меѓу двете земји.
„Несомнено е дека посетата на високата делегација од Иранската комора за трговија ја покажува решеноста на Иран да ги развие економските односи со Македонија. Иран како земја со соодветни даночни и комерцијални правила и со вистински услови во областа на даночното и трговското право, гледа на Република Македонија како порта за влез на пазарот и на другите европски држави“, истакна Шафаи.