АНКАРА
Оние што на социјалните медиуми тврдат дека луѓето го добиле Ковид-19 поради тоа што 5Г-технологијата го ослабува имунолошкиот систем, прават неосновани тврдења, изјави турскиот експерт за социјалните медиуми, Дениз Унај.
Во ексклузивно интервју со АА, Дениз Унај, експерт за социјалните медиуми, изјави дека информациите во дигиталниот свет се шират толку брзо, колку и пандемијата на Ковид-19.
Унај вели дека од една страна светот се бори со вирусот, а од друга исто така се бори со неосновани тврдења поврзани со вирусот, поради содржините кои неконтролирано се објавуваат на социјалните медиуми.
Тој изјави дека едно од тие неосновани тврдења е тоа дека како последица на влијанието на 5Г-технологијата врз имунолошкиот систем, луѓето го добиваат вирусот Ковид-19.
- 5Г и пандемијата
Нагласувајќи го брзото ширење на погрешни информации на социјалните медиуми, Унај изјави дека иако не постои истражување за ефектите на 5Г-мрежата врз имунолошкиот систем, оваа погрешна информација се шири брзо.
„Според истражувањата и тестирањата на Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење (ICNIRP), 5Г не е штетна за нашето здравје и не предизвикува никаква болест“, изјави тој.
Запрашан зошто некои луѓе шират такви тврдења, Унај изјави дека луѓето сакаат да создаваат теории на заговор.
„Кога ќе се истражат профилите на оние што тврдат дека 5Г-мрежата е меѓу причините за добивање на вирусот, можете да забележите дека тие веруваат и споделуваат различни теории на заговор“, изјави тој.
Според Унај, основата на овие тврдења, кои не се базираат на научно истражување, е фреквентната моќ на 5Г-технологијата.
„Општо, рендгенските, ултравиолетовите и гама-зраците имаат негативно влијание врз имунолошкиот систем. Овие зраци имаат многу поголема моќ од фреквентноста на 5Г“, изјави тој.
Тој додаде и дека не треба да се заборави дека вирусот физички се пренесува со капки.
Унал нагласи дека за предностите на 5Г-мрежата не треба да се шират погрешни информации на социјалните медиуми.
5Г-мрежата е петта генерација на безжична комуникациска технологија и обезбедува пренос на податоци со брзина околу 10 пати поголема од технологијата од четвртата генерација.
- Инфодемија, причината за неосновани тврдења
Истакнувајќи го „загадувањето“ со информации во дигиталниот свет, турскиот експерт изјави дека основната причина за ова тврдење е феноменот - инфодемија.
„Поради Ковид-19, кој се прошири во 185 земји во светот, СЗО прогласи глобална пандемија. Освен тоа, не дојде само до ширење на вирусот, туку и до точни и погрешни информации поврзани со него. Поради тоа, СЗО ја прогласи оваа ситуација за инфодемична“, изјави тој.
Според СЗО, терминот инфодемија претставува преголема количина на информации, некои точни, а некои не, поради што на луѓето им е тешко да најдат доверливи извори за да проверат што е точно.
Унај нагласи дека лажната информација поврзана со вирусот одзела многу човечки животи.
„Поради гласините, кои тврдат дека пиењето алкохол го убива вирусот, многу луѓе во светот што веруваа во ова неосновано тврдење, починаа“, рече тој.
- Како да се победи инфодемијата?
Нагласувајќи ја важноста за правилна употреба на информациите, Унај изјави дека денес луѓето не ги користат информациите точно и ефикасно.
„Во општеството се појави погрешна перцепција поради која луѓето постојано создаваат теории на заговор на сите теми и ги интепретираат информациите според нивните желби“, изјави тој.
Според Унај, тие луѓе шират дезинформации во општеството, особено на социјалните медиуми.
За да ја победиме дезинформацијата, Унај рече дека луѓето прво треба да ги слушаат изјавите на владите и официјалните институции.
„Второ, не треба да веруваме во сè што гледаме на социјалните медиуми. Треба да ја провериме неговата точност и да се обидеме да ја разбереме неговата цел. Може да има сублиминална порака или управување со перцепцијата“, рече тој.
На крај, тој рече дека непровереното споделување информации предизвикува дезинформација.
„Точните информации треба да бидат доставени брзо и лесно од властите. Во спротивно, овој јаз е исполнет со дезинформацијата на другите“, додаде тој.