Ahmet Dursun
03 Септември 2024•Ажурирај: 07 Септември 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Иран претрпел загуба од приближно 900 милиони долари поради шверцот што се појавил поради забраната за увоз на мобилните телефони ајфон во Иран, известува Анадолу.
Абдулмехди Еседи, претседател на Иранската асоцијација на извозници на мобилни телефони, во својата изјава за Иранската студентска новинска агенција (ИСНА) рече дека поради неможноста официјално да се регистрираат телефоните од моделите ајфон 14 и 15, земјата претрпела загуба од стотици милиони долари.
Предупредувајќи дека доколку новата влада формирана од претседателот Масуд Пезешкијан не ја укине забраната, оваа загуба следната година ќе се зголеми на 1,3 милијарди долари, Еседи рече:
„Покрај неуспехот во спроведувањето на зададените цели во последните две години, како што се забраната за увоз на мобилните телефони ајфон и управувањето со девизните ресурси на земјата, предизвикана е загуба на девизи од приближно 900 милиони долари кои нелегално се излезени од државата.“
Еседи изјави и дека има информации дека Министерството за комуникации и Министерството за индустрија работат на укинување на забраната.
Според неофицијални податоци, повеќе од една третина од увозот на мобилни телефони во Иран се состои од ајфони, но увозот и регистрацијата на мобилните телефони од моделите ајфон 14 и 15 во земјата се забранети.
Иако Епл ја забрани продажбата на своите производи во Иран и нема официјален претставник во земјата, телефоните од овој бренд и понатаму се едни од најпопуларните телефони меѓу Иранците.