Muhammet Kurşun
30 Ноември 2020•Ажурирај: 30 Ноември 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Ирански официјален претставник за државната телевизија изјави дека оружјето користено во атентатот врз иранскиот научник за нуклеарна енергија, Мухсин Фахризаде, е од израелско производство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Официјален претставник на Иран кој не сакаше да биде именуван во изјавата за државната телевизија „Ел Алем“ која емитува програма на арапски јазик во Иран, рече дека постојат докази дека Израел е вмешан во атентатот врз Фахризаде.
„Ционистичкиот режим за убиството на Фахризаде користеше елементи кои се против Иран. Оружјето што се користеше во терористичкиот напад е од израелско производство, кое може да се контролира со сателит“, нагласи официјалниот претставник.
Мухсин Фахризаде, врвниот нуклеарен физичар кој го водеше Одделот за истражување и иновации при Министерството за одбрана на Иран, е убиен во петокот на периферијата на главниот град.
Второто целно убиство на висок ирански функционер по ликвидацијата на Касем Сулејмани, командантот на елитната иранска единица „Кудс“, во американскиот воздушен напад во Багдад во јануари оваа година, предизвика силни реакции во Техеран.