Bekim Laci
27 Јули 2017•Ажурирај: 28 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Македонскиот премиер Зоран Заев побара од приватните компании во земјата да земат вработени од јавната државна администрација, со цел во државниот буџет да се намалат непотребните трошоци со кои се соочува поради големиот број вработени администратори, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев, придружуван од владини министри, денес одржа средба со бизнисмени од Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), на којашто се разговараше за проблемите со кои се соочува бизнис заедницата.
Заев им вети на компаниите дека ќе бидат еднакви во конкуренцијата со странските компании, бидејќи, како што рече, конечно заврши времето кога за капитални инвестиции беа потребни странски компании. Сепак, Заев побара од бизнисмените да имаат различен обем, да ги здружат силите со цел да бидат поконкурентни против големите странски компании и да понудат повеќе услуги, затоа што на таков начин парите ќе останат во земјата.
Во своето обраќање, Заев побара помош од бизнисмените, како што рече, за вработување на државната јавна администрација. Тој истакна дека меѓу нив има висококвалификувани професионалци кои ја знаат работата, но навистина се вишок што непотребно го оптоварува буџетот на државата.
„Ќе понудиме во првата година ние да ги исплатиме платите, но под услов да ги задржите најмалку за уште една година“, рече Заев, кој зборуваше и за затајувањето на данокот, што е околу 300 милиони евра. Македонскиот премиер најави конкретна државна акција за борба против даночното затајување.
„Нема да направиме хаос со парични казни. Кога инспекторот ќе доаѓа за првпат, ќе зборува со бизнисменот за да укаже на слабостите, давајќи рок од 30 дена за регулирање на финансиските аномалии, и ако по овој рок не бидат регулирани, казните ќе бидат повисоки од она што се денес“, предупреди премиерот.
Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, изјави дека макро барањата на бизнис заедницата се еден процент од бруто домашниот производ (БДП) да оди на рамномерен регионален развој, да се подобри инфраструктурата на економската зона Визбегово во Скопје, која всушност сѐ уште фигурира како таква, а има 2.500 вработени со обрт од над 600 милиони евра, да се компензираат бизнисите од поплавите во скопската населба Сингелиќ, каде што штетата е околу 15 милиони евра, а четвртиот услов е попис на населението како механизам што ќе го разјасни бројот на граѓаните, што е потребно за економијата на земјата.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, пак, вети дека Владата ќе биде партнер на бизнисмените, а одговарајќи на барањата на претседателот на СКСЗМ, рече дека веќе е закажана средба со економската зона Визбегово за 7 август, бидејќи, како што рече, добро е запознаен со проблемите од оваа област, и вети максимални напори за да ги реши.
Во однос на регионалниот развој, Анѓушев рече дека најпров треба да направи мера, за што во неговата канцеларија веќе почнаа да работат во рамките на проектот финансиран од Швајцарската влада која обезбедува софтвер за идентификација на секоја инвестиција во земјата, за кои на крајот на годината ќе се добие точен графички преглед за местото каде што парите се потрошени.
Барањата на бизнисмените и проблемите претставени на дебатата владата ќе ги испита во текот на својата работа.