Zeynep Akyıl
27 Октомври 2017•Ажурирај: 28 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за економија на Република Турција, Нихат Зејбекџи, денес во Анкара упати порака дека неговата земја ќе ја заврши 2017 со економски раст многу поголем од шест отсто, како и со пораст на извозот за 11 до 12 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Зејбекџи беше гостин на уредничкиот колегиум на АА во Анкара, а во таа пригода се осврна на актуелните случувања во областа економија и одговараше на прашања од новинари на АА од сите делови на светот.
Зборувајќи за движењето на курсот на турската лира, Зејбекчи констатираше дека се работи за привремени движења.
„Мислам дека се работи за привремени движења на курсот, заедно ќе видиме. Не ги сметам за правилни интервенциите на Централната банка на шпекулативните движења на пазарот. Не треба да ги допираме и не треба да интервенираме. Тоа е најефективната реакција кон шпекулативните движења. Моменталните движења на курсот сигурно не се реални“, изјави Зејбекџи.
Говорејќи за глобалната економија, Зејбекџи истакна дека екстремната вредност на доларот не е добра и одржлива за економијата на САД.
„Ние моментално веруваме во себе, веруваме во нашата земја“, изјави Зејбекџи, нагласувајќи дека турската економија има многу добри резултати.
„Целиот свет се согласува дека Турција оваа година ќе забележи економски раст многу поголем од шест отсто. Исто така, целиот свет е свесен оти Турција ќе ја заврши оваа година со пораст на извозот за 11 до 12 отсто, што за нас е историски резултат“, додаде Зејбекџи.